Лионел Меси

Капитенот на Барселона е водечки стрелец според головите постигнати во групната фаза на ЛШ, со 70 гола

Барселона е во лоша форма во шпанската фудбалска Ла лига, но во Лигата на шампионите (ЛШ) забележа две победи во првите две кола во групата Г. Каталонците се потпираат на Лионел Меси, кој вечерва против Динамо Киев треба да го одигра 150-от меч во европските клупски натпреварувања, и посакуваат да го подобри рекордот од 70 постигнати гола во групната фаза, но опасност за гостите ќе биде и Осман Дембеле, кој беше стрелец на двата меча во ЛШ, потоа „чудата од деца“, тинејџерите Ансу Фати и Педри, како и Антоан Гризман. Вечерашниот меч ќе биде 11-ти помеѓу двата тима (Барселона има шест, а Динамо три победи, со две ремија).

Борусија Дортмунд, која му гостува на Бриж во групата Ф, очекува младиот Норвежанец Ерлинг Холанд да ја продолжи голгетерската низа од 14 погодока постигнати на исто толку натпревари сезонава, за клубот и за репрезентацијата. Но останува да се види дали може да го повтори истото што и лани против Генк во групната фаза, кога во дресот на Салцбург, на првиот меч, постигна хет-трик во првото полувреме, во победата од 6-2. По првите две кола, Бриж е втор со четири бода, а Борусија трета со три бода.

Челси и Манчестер јунајтед, пак, во различно расположение ги очекуваат дуелите со Рен дома, односно на гости кај Башакшехир. Челси ги среди проблемите во одбраната од почетокот на сезоната, за што сведочи фактот дека на последните четири меча нема примено гол. Се очекува конечно и Тимо Вернер да го постигне првиот гол на домашен терен во ЛШ, по осумте на гости. Јунајтед, пак, во неделата пак загуби првенствен меч дома, од Арсенал (0-1), но во ЛШ турка одлично, прв е во групата Х со две победи. 


НАЈМНОГУ ГОЛОВИ ВО ГРУПНА ФАЗА НА ЛШ

Лионел Меси 70
Кристијано Роналдо 63
Карим Бензема 48
Роберт Левандовски 44
Руд ван Нистелрој 39
Раул 37

Извор: УЕФА