Норберт Стајлс, Џорџ Бест и Боби Чарлтон

Минатата недела беше објавено дека од деменција страда сер Боби Чарлтон (83), легендата на Манчестер јунајтед и на Англија, а неодамна починаа Ноби Стајлс и братот на Боби, Џек Чарлтон. Асоцијацијата на професионални фудбалери на Англија формално ги поддржа заложбите деменцијата во фудбалот да се смета за индустриско професионално заболување, со што играчите со такви проблеми би добивале финансиска помош од државата, пишува британски „Телеграф“

Минатата недела на 78-годишна возраст почина англиската фудбалска легенда, Норберт Стајлс, поранешен фудбалер на Манчестер јунајтед во ерата на Боби Чарлтон и на Џорџ Бест и член на репрезентацијата што во 1966 година ја освои титулата светски првак. Меѓу другото, Стајлс боледуваше од деменција. Пред неколку дена беше обелоденето дека од деменција страда и неговиот колега и пријател, сер Боби Чарлтон (83), легендата на Јунајтед и на Англија. Летово почина и братот на Боби, Џек Чарлтон (85), исто така, познат поранешен фудбалер, кому му беше дијагностицирана деменција во поодминатите години од животот. Од последиците од деменција починаа уште двајца поранешни англиски репрезентативци, членови на шампионскиот состав од 1966 година, Мартин Питерс во 2019 и Реј Вилсон во 2018-та.
На ова реагираше и Асоцијацијата на професионални фудбалери на Англија, која формално ги поддржа идејата и заложбите деменцијата во фудбалот да се смета за индустриско, професионално заболување со што играчите со такви проблеми би добивале финансиска помош од државата, пишува британски „Телеграф“.
– Не може, а да не помислите дека тоа е поврзано со ударите на топката со глава. Последиците тој ги почувствува во подоцнежните години. Имав четворица чичковци што играа фудбал, сите страдаа од деменција, и сигурен сум дека тоа имаше врска. Ако му кажевте на Џек да не ја удира топката со глава, тој, сепак, ќе го стореше тоа – изјави неодамна за „Гардијан“, Томи Чарлтон, помладиот брат на Џек и на Боби.

Во студијата на невропатологот д-р Вили Стјуарт од Универзитетот во Глазгов, објавена во 2019 година, пишува дека за поранешните фудбалери веројатноста да заболат од невродегенеративна болест е приближно три и пол пати поголема отколку за општата популација. Малку е веројатно дека удирање на топката со глава одвреме-навреме ќе предизвика значителна штета, но за подолг период комбинираниот ефект може да доведе до проблеми, се наведува во студијата направена на универзитетот „Британска Колумбија“, во Ванкувер, Канада, пишува „Би-би-си“.
Сепак, нема дефинитивни докази дека удирањето на топката со глава навистина предизвикува деменција. Причините за деменција се комплексни и веројатно состојбата е предизвикана од комбинација на возраст, начин на живот и генетски фактори. Физичката траума на мозокот секако е фактор, но нездравиот начин на живот, како пушењето, пиењето премногу алкохол и прекумерната тежина, исто така, се сметаат како ризични фактори.

Медицинскиот комитет на Европската фудбалска унија (УЕФА) летово изработи практични упатства за младите фудбалери во врска со удирањето на топката со глава заради заштита на нивното здравје и безбедноста на тренинзите и на натпреварите. Упатствата на УЕФА имаат цел да го сведат удирањето на топката со глава во младинскиот фудбал на минимум, иако со некои студии во Германија е утврдено дека на таа возраст тие речиси воопшто не играат со глава. Удирањето на топката со глава е забрането за најмладите категории фудбалери на тренинзите во некои земји. Во САД тоа правило важи за децата до 10, а во Велика Британија до 12 години.