Министерот за здравство Венко Филипче рече дека Македонија аплицирала преку т.н. ковакс-систем за вакцини против ковид-19, во текот на вчерашното гостување во емисијата „Само Вистина“ на телевизија Канал 5.
– Тоа е систем на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација кој што овозможува како што ќе доаѓаат вакцините од различни производители еднакво да бидат дистрибуирани кон сите земји коишто аплицирале на тој механизам. Сите земји од регионот и Европа аплицираа во тој механизам и тоа е едниот начин за пристап до вакцината. Еве последните информации се дека во крајните фази од истражување е т.н. оксфордска вакцина на компанијата Астра Зеника. Ние аплициравме преку Ковакс механизмот, како и сите други земји во регионот за вакцини за 20 посто од населението. Тоа се 800.000 дози, заради тоа што ќе треба по две дози, една и после неколку недели уште еднаш согласно сегашните сознанија за развој на антителата. Како сега стојат сознанија во однос на напредокот, очекувањата се дека вакцината ќе биде достапна на почетокот на следната година. Имаме понуда и од уште две европски земји кои потпишаа и билатерален договор со компанијата, само земји членки на ЕУ. Полска ни пристапи и ни понуди да одредена количина ни препродадат од нивната. И премиерот Мицотакис на премиерот Заев исто така му укажал дека ќе може да сметаме и на одредена количина и од Грција. Очекувањата се дека ќе биде во првите неколку месеци од следната 2021 година – потенцираше Филипче и објасни дека вакцината нема да биде задолжителна бидејќи не е влезена во календар, но ќе има силна препорака.