Ако ковид-19 ја закочи работата на Собранието, тогаш е неизвесно носењето многу закони, вклучувајќи го и буџетот, што ќе остави последици врз функционирањето на државата

И работата на државните функционери не е „имуна“ на негативното влијание на ковид-19

Ширењето на заразата со ковид-19 меѓу пратениците се заканува целосно да ја парализира работата на македонското собрание, што е особено загрижувачки бидејќи се случува во време кога државата се соочува со нов уште посилен бран на коронавирусот и кога се надева дека ќе ги почне пристапните преговори со Европската Унија.
Последен случај на зараза со ковид-19 имаше пред три дена, кога на пратеничката од редовите на СДСМ Славјанка Петровска ѝ се слоши додека беше во Собранието, а подоцнежните тестови потврдиле присуство на ковид-19.
Останува енигма дали таа имала доволно блиски контакти со другите пратеници за да можат и тие да се заразат, така што деновиве ќе се знае дали вирусот „ќе испрати“ во изолација уште некој пратеник.
Ваквиот развој на настаните особено загрижува ако се има предвид дека власта и опозицијата не можат да се согласат за можноста за онлајн работење, а не се знае ниту дали има техничка можност да се изведе тоа во овој момент.
Ако ковид-19 ја закочи работата на Собранието, тогаш е неизвесно носењето многу закони, вклучувајќи го и буџетот, што ќе остави последици врз функционирањето на државата.

Загриженост од развојот на настаните со епидемијата во Собранието изрази и премиерот Зоран Заев.
– Мене ме плаши неотворената можност за онлајн работење на Собранието, иако тоа функционира. Како што имам информации, иако може не се точни, досега од конституирањето на парламентот па до денес, имаме повеќе од 10 отсто заболени или во самоизолација членови на Собранието или нивните најблиски, а допрва доаѓаат крајот на есента и почетокот на зимата – рече Заев по завршувањето на состанокот на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски.
Според универзитетскиот професор Живко Андревски, би претставувало голем ризик доколку се блокира работата на Собранието и поради тоа треба да се наоѓаат начини како да функционира тоа во услови на пандемија.
– Ако веќе имаме регуларни институции, треба да се бараат решенија за функционирање на Собранието и во вакви услови. Можеби треба да се најдат определен број точки што можат да функционираат и да се донесат врз основа на онлајн работа, со оглед дека има потврдени случаи на корона во Собранието – вели професорот Андревски.
Тој додава дека за оние прашања за кои е потребна дебата може да се најдат некакви форми на директно соочување.
– За клучни прашања, за кои е потребно да има дебата, може да се најдат некакви форми на директно соочување, но за прашања што на некој начин се од процедурален карактер, може и онлајн да се договорат. Системот мора да профункционира. Не се ништо помалку важни седниците на Советот на Европа, на институциите на ЕУ, еве, половина од гласачкото тело на САД на тамошните претседателски избори гласа по пошта токму за да се избегне ситуација со ширење на ковид-19 – нагласува Андревски.

Според него, кога имаме вакви околности мора да се бараат решенија.
– Најгрдо е да се парализира Собранието и да мора Владата да донесува одлуки или други иницијативи и акти што нема да бидат од нејзина надлежност, а мора да се донесат. Ако веќе претходно имавме таква ситуација, кога парламентот и не постоеше во смисла на функционалност, сега не мора кога постои да не се бараат начини. Мојот пристап е дека за сè треба да се бараат решенија, да се користат искуства и да се изразува постојано политичка волја чија содржина е неоспорно демократска и во согласност со Уставот и законите – подвлекува професорот Андревски.
Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија, смета дека Собранието мора да биде подготвено да работи електронски за да не дојде до негова блокада.
– Мораме да го дигитализираме работењето на Собранието, да се работи онлајн, бидејќи во спротивно ќе се блокира. Сосема е нормално да има можност за дигитална работа еден законодавен дом, не е ниту прв, ниту последен пример бидејќи многу земји работат така. Впрочем, Шпанија го ратификува договорот за пристапување на Македонија во НАТО онлајн, така што не треба да се исклучува во кризни времиња и ние да го направиме тоа – вели Трошановски.
Според него, не држи аргументот дека пратениците треба да одат на работа како и сите други луѓе што со закон се обврзани да го прават тоа.

– Тука зборуваме само за хибридно работење, во случај тие што се болни или во самоизолација да можат да учествуваат во работата, а не целосно да се префрли Собранието да работи електронски. Дури и тоа може да се случи, но само во крајна нужда како опција, инаку ќе се блокира работата. Ако се влошува уште повеќе ситуацијата со ковидот, а тоа е мошне извесно, ќе треба да се гласа вонредна состојба и нема да може да се изгласа – појаснува Трошановски.
Првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, смета дека земајќи го предвид кревкото мнозинство од само два пратеника над потребното мнозинство (вклучувајќи и за кворум за работа), може да се претпостави дека ќе има сериозни тешкотии во нормалното функционирање на Собранието доколку продолжи трендот на заразување на пратениците.

– Секако дека ситуацијата наложува итно воспоставување услови за онлајн работа на Собранието. Како што беа небулозни толкувањата во април/мај дека наводно „не може“ да се состане „распуштеното“ Собрание (а кога повеќе треба да се состане ако не во вонредна или воена ситуација), така е и сега такво тврдењето дека не може Собранието да работи на онлајн седници, или дека Уставот не го дозволувал тоа?! Колку што знам јас, слушајќи правници и професори по уставно право од поодамна со фразата „сè што со Уставот не е експлицитно забрането, е дозволено“…, а во Уставот, иако не е предвидена работа онлајн (патем кога се пишуваше Уставот, не ни имаше интернет), таква опција не е ни забранета. А дури и да беше забранета (?!), здравиот разум наложува пратениците што побрзо да го стават ова прашање на дневен ред и со консензус (без и еден глас против) да го уредат работењето онлајн – уште оваа недела – констатира Кржаловски.