Управата за вонредни состојби во Турција (АФАД) извести дека во земјотресот во Измир досега загинаале 4, а повредени се 120 лица, пренесува „Анадолија“.
– Според добиените информации, досега загинаа 4, а повредени се 152 лица – се вели во извештајот.
Претходно, градоначалникот на општина Измир, Тунч Сојер, исткана дека добиле пријава оти во земјотресот со јачина од 6,6 степени, кој се случи на отворени води во Егејското Море кај местото Сеферхисар во Измир, се урнале 20-ина згради, но посочи дека моментно немаат соодветни точни информации и дека добиле само некои пријави.
– Добивме некои пријави. Се урнаа згради, особено во Бајракли и Борнова. Се обидуваме да добиеме информации за тоа. Немаме информации за загуба на животи. Сега сме на пат. Добивме пријава дека се урнале 20 згради. Се обидуваме да стигнеме до Бајракли. Како што се гледа, најкритични места се Бајракли и Борнова – нагласи Сојер.
Другите западни турски провинции, вклучувајќи ги Усак, Денизли, Маниса, Баликесир, Ајдин и Мугла, забележале мали оштетувања на некои згради. Турските екипи за пребарување и спасување ја продолжуваат својата работа на терен.
Турскиот министер за животна средина, Мурат Курум, изјави дека луѓето се заглавени под остатоци од пет урнати згради во Измир по земјотресот и дека досега се спасени 70 луѓе, пренесува „Хуриет дејли њуз“.
АФАД потврди дека епицентарот на земјотресот е забележан во 14:51 часот по локално време во Егејското Море, 17 километри од брегот на Северихисар. Наведено е исто така дека земјотресот, кој е почувствуван и во Истанбул, е забележан на длабочина од 16,54 километри.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, упати порака со поддршка до жителите на Измир и турскиот брег на Егејското Море погодени со земјотресот.
– Државата со сите свои ресурси е со нашите граѓани кои се погодени од земјотресот. Сите надлежни институции, министри и служби се ангажирани на теренот – порача Ердоган.
Земјотресот со јачина од 6,6 степени го погоди и грчкиот остров Самос во Егејското Море, соопшти Националната опсерваторија на Атина. Жителите на Самос, на кој живеат околу 45.000 луѓе, беа повикани да се држат настрана од крајбрежните области, изјави Ефтихмиос Лекас, шеф на грчката Организација за антисеизмичко планирање, за грчката телевизија „Скај“.