Музеј на град Неготино во соработка со НУ Археолошки музеј на Македонија прави археолошки истражувања во некрополите Мали дол во неготинското село Тремник – локалитет кој до 2008 година беше непознат за археолошката јавност.
– Првичните податоци за оваа некропола ги добивме од сопственикот на нивата Пео Колев, кој при изградба на штала наишол на камени конструкции и две бронзени игли кој ги пријави во Музеј на град Неготино. Таа година вработени од музејот вршеа краткотрајни заштитни ископувања и откриени беа четири погребувања – цисти, кои беа видливи на површината на теренот. Беа пронајдени две бронзени игли и накит – дел од ѓердан, комбиниран со килибарни перли, кои датираат од крајот на бронзеното време (XII век п.н.е.) – информира Драгица Чекорова, директор во музејот.
Ископувањата спроведени во рамки на истражувачкиот проект, во континуитет се одвиваат од 2009 година до денес, како резултат на соработката помеѓу Археолошки музеј на Македонија и Музејот од Неготино.
– Во рамки на овие археолошки ископувања имаме откриено вкупно 77 погребувања, пронајдени се голем број бронзени игли, дел од накит – ѓердан, комбиниран со килибарни перли, разни керамички садови како урни, кантароси и други керамички и метални предмети, сместени во два хоризонта на погребување (две некрополи). Првата (постарата) е составена од погребувања кои датираат од доцното бронзено време (крајот на XII век п.н.е.) и преодниот период од бронза во железно време (XI – V век п.н.е.), а втората е претставена со погребувања од средниот век (XI – XIII век н.е.) – појаснува Чекорова.
Сите погребувања од некрополата, вклучувајќи ги и средновековните, укажуваат на нејзино долготрајно користење и континуитет во развојот.
– Генерално кога ќе се соберат сите релевантни факти како гробните ритуали, движниот археолошки материјал и антрополошките остатоци, можеме да реконструираме слика на постоење на една заедница од крајот на бронзеното време, која со сите специфики припаѓа на Уланечката културна група – додава директорката.
Севкупните пронајдоци се дел од археолошка изложба „Некрополите на Мали Дол“, село Тремник, Неготино, финансирана од Министерството за култура на Република Македонија, според програмата за проекти од национално значење, која ќе биде отворена во септември во Општинската установа Музеј на град Неготино.
Во истражувањата учествува стручна екипа. Тука се д-р Александра Папазовска, виш кустос за железно време од НУ Археолошки музеј на Македонија и стручен раководител на истражувањата, д-р Фаница Велјановска, антрополог, кустос-советник и Александра Чевревска, археолог-кустос во истиот музеј, како и Костадинка Филипова, археолог-кустос во Музеј на град Неготино.