Драги другарчиња, време е засега да се разделиме со вас, но само од оваа рубрика. Останувам тука за преку пишан текст да другаруваме, но нашата рубрика „Песни кратки за плодови слатки“ со денешното триесетто издание ја ставаме во мирување. Пишувавме за овошјето и зеленчукот кога владееја настинките и тогаш кога отидовте на предвремен распуст, а и за време на летото, па сега е време малку да одмориме, нели? Но се разбира дека нема само да одморам, туку, собирајќи ги плодовите од мојата градина, ќе барам инспирација за нови песнички. Триесет седмици – 30 песни и приказни за разни видови овошје и зеленчук. Кошничката полна здравје е наполнета! Ви посакувам убава, вкусна и мирислива есен!
А денеска, како последна, но не и најмалку важна, ви ја претставувам рибизлата. Во растителната фамилија на рибизлите спаѓаат црната, црвената и белата рибизла, како и огроздот. Од рибизлите се прави мармалад, џем, желе, сируп или многу барани овошни сокови, и тоа од црната и црвената рибизла. Рибизлата се користи во слаткарството и во кулинарството како додаток во овошните салати. Познато е и виното од рибизла. Ситните бобинки содржат големо количество на витаминот Ц, а корисни се во исхраната заради лекување од инфекции и прочистување на црниот дроб. Рибизлата има слатко-кисел вкус, кој многу освежува.
На здравје! Ваш Филип Димкоски


Рибизла

Сте слушнале ли дека
и вакво овошје има,
налето се јаде свежа,
а сок се прави за в зима.

Има рибизли секакви,
црвени, црни и бели,
малечки се и гранчињата
ги начичкуваат цели.


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.