Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан предвидува финансиска помош од девет милијарди евра за развој на повеќе области во земјите од Западен Балкан, а искористувањето на оваа финансиска инјекција ќе зависи од спроведување на реформите во областа на почитувањето на правото и демократското функционирање на институциите, нагласуваат од Европската комисија

Европската комисија неделава го усвои долгонајавуваниот и сеопфатен економски и инвестициски план за Западен Балкан, кој има цел постигнување долгорочно економско заздравување на регионот и поддршка на зелената и дигиталната транзиција и поттикнување на регионалната интеграција со Европската Унија. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, кој се наоѓа на балканска турнеја за промоција на новиот инвестициски пакет, изјави дека средствата ќе бидат наменети за инвестиции во областа на транспортот, енергијата, зелената и дигиталната транзиција, што треба да овозможи долгорочен економски раст и отворање на нови работни места. Исполнување на планот ќе значи и побрзо премостување на големиот јаз во развојот меѓу земјите од регионот и ЕУ. Но за искористување на најавените девет милијарди евра, ќе треба да се исполнат и условите за спроведување на реформите, нагласи Вархеи.
Душан Рељиќ, шефот на бриселската канцеларија на германската фондација „Наука и политика“, кој се занимава со следење на состојбите на Западен Балкан, вели дека ова е добар исчекор, но забележува дека тоа требало да се случи пред многу години.
– Има толку многу непознати работи во врска со самиот план што нѐ прави внимателни во процените за неговиот можен дострел. Економскиот инвестициски план на ЕК предвидува инвестиции од девет милијарди евра за шест држави и за регионот на Југоисточна Европа, кои вкупно имаат 18 милиони жители. Не е јасно колку од тоа ќе бидат грантови, а колку во кредити. Хрватска, која има четири милиони жители, наредните седум години ќе добие вкупно 20 милијарди евра од ЕУ неповратна помош за својата економија. За мене сево ова не ветува премногу, особено кога не се менува основниот проблем во економските односи меѓу ЕУ и шесте земји од регионот. Тоа е трговскиот дефицит на регионот. Западен Балкан во последните десет години има дефицит во трговијата со ЕУ од 110 милијарди евра. Таа сума мора да се покрие ако се сака регионот да биде во рамнотежа. Наместо тоа, Западен Балкан повторно се движи во поголема задолженост и уште поголема нерамнотежа со ЕУ – вели Рељиќ во разговор за „Дојче веле“.

Паралелно со големиот пакет за поддршка на регионот, Европската комисија ги претстави и насоките за спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан, која се очекува да биде усвоена на самитот во Софија, закажан за ноември годинава. Планот предвидува финансирање на десет главни инвестициски проекти за поддршка на главните патни и железнички врски во регионот, за користење обновлива енергија и преминување од јаглен, подобрување на енергетската ефикасност на јавните и на приватните објекти и намалување на емисијата на штетните гасови, за инфраструктура за управување со отпадот и отпадните води… Други поважни проекти се вложувањата во приватниот сектор за јакнење на конкурентноста и иновациите, особено на малите и на средните претпријатија. Се очекува поддршката преку Гарантниот фонд за Западен Балкан да достигне до 20 милијарди евра во следната деценија, соопштија од Европската комисија.
Вкупната инвестициска инјекција би достигнала речиси една третина од вкупниот БДП на регионот, за да овозможи економски раст од 3,6 отсто за сите земји од регионот, во кои се Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. ЕУ веќе одвои 3,3 милијарди евра за надминување на кризата предизвикана од епидемијата на коронавирусот, информира „Еуроактив“.
Подобрувањето на транспортната инфраструктура ќе биде главниот фокус на седумгодишниот план за развој на Западен Балкан.

– Треба многу подобро да го поврземе регионот со Европа, но исто така треба да го поврземе регионот во рамките на самите држави во него. Затоа, решивме да обезбедиме планови за поврзување на сите престолнини со патишта и железница. Мрежата на автопатиштата и железниците е нецелосна и спречува нови трговски текови во и со регионот – рече Оливер Вархеи.
Во идните планови се предвидува завршување на изградбата на автопатот Белград – Приштина и подобро поврзување на Подгорица и Сараево. Инвестициите во обновлива енергија се фокусираат само на искористување на хидроенергијата во регионот и проектите за соларна енергија и ветер во Македонија.
Како сериозен проблем за економски развој на земјите од Балканот е одливот на младите лица. Еден од предлозите на комисијата за решавање на ова прашање ќе биде проширување на програмата за Европската гаранција за млади на Западен Балкан, создадена во 2013 година по светската финансиска криза за справување со зголемената невработеност кај младите во ЕУ, објави „Еуроактив“.
Подоброто поврзување на економиите на Западен Балкан во рамките на регионот и со ЕУ бара силна посветеност од Западен Балкан за спроведување темелни реформи, продлабочување на регионалната економска интеграција и развој на заеднички регионален пазар врз основа на законодавството на ЕУ, за да се направи регионот поатрактивна област за инвестиции, се нагласува во соопштението на Европската комисија, по објавувањето на новиот финансиски план за Западен Балкан. Неисполнувањето на реформите за владеење на правото, јавната управа и функционирањето на демократските институции, ќе ги забави земјите во регионот во користењето на финансиската помош.


Главни приоритети од европскиот финансиски пакет

Сообраќај
Унапредување на клучните транспортни коридори во регионот (подобар транспорт, подобра поврзаност и поедноставни постапки за премин на границите).

Чиста енергија
Остварување на стратегијата Европа да биде климатски неутрална до 2050 година (декарбонизација, премин на чиста енергија, енергетска поврзаност, нови обновливи извори на енергија).

Заштита на животната средина
Претставување на Зелената агенда за регионот (зелена транзиција, декарбонизација, намалување на загадениот воздух, вода и земја, промовирање на биолошката разноликост, урбана мобилност и решенија за зелен транспорт).

Дигитализација
Примена на ултрабрза широкопојасна мрежа, намалување на трошоците за роаминг, развој на дигитални вештини, јакнење на сајбер-безбедноста.

Приватен сектор
Финансиска поддршка за јакнење на конкурентноста на приватниот сектор во стратегиските сектори.

Човечки капитал
Силен развој на човечкиот потенцијал (висококвалитетни системи за образование и обука, вработување и здравствена и социјална заштита, подобро учество на пазарот на трудот на жените, малцинствата и ранливите категории).

Заеднички пазар
Заедничкиот пазар за Западен Балкан опфаќа осум компоненти: мобилност, дигитален пазар, европски вредности, поврзување на економиите, слободно движење на стоките и на услугите, слободно движење на капиталот и регионален инвестициски простор.