Возачите сообраќаат по деловите од улицата што се реконструираат / Фото: Игор Бансколиев

Во тек се градежни активности на повеќе локации за реконструкција на сообраќајниците во надлежност на Градот. Се работи интензивно и на повеќе локации, а Град Скопје апелира до возачите за трпение и да се придржуваат до привремените сообраќајни режими, до условите на теренот и до поставената сообраќајна сигнализација, велат градските власти

ОТКАКО ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА БУЛЕВАРОТ АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ВО СКОПЈЕ

Булеварот Александар Македонски стана слика и прилика за искажување на темпераментот и менталитетот на нашите возачи и учесници во сообраќајот. Амбиентот по должината на делницата на булеварот личи на „фестивал на балкански навредливи, безобразни зборови и изреки“. Некои од возачите нетрпеливо и со „сочни пцости“ сообраќаат на булеварот Александар Македонски, откако градските власти ја почнаа неговата реконструкција. Не ја почитуваат ниту поставената сигнализација, ниту пак соучесниците во сообраќајот. Свират, се караат преку отворени прозори од возилата, а во обид побрзо да го поминат метежот, возат по деловите од улицата што се реконструираат, но и по тротоарите.
Па, така, наместо колоната да функционира беспрекорно, со трпеливи возачи што се придржуваат до поставената сообраќајна сигнализација, која екипите на Градот ја имаат поставено за непречено движење на возилата, тие создаваат дополнителен метеж возејќи онаму каде што тоа не е дозволено.

Реконструкцијата е почната и мора да се заврши. На тој начин ќе се обезбедат уште подобар тек на сообраќајот по нов асфалт и непречено движење за сите учесници во него.
За некои од граѓаните, особено за оние што секојдневно се движат по овој булевар, ваквото однесување на соучесниците во сообраќајот е недозволиво.
– Живеам во Синѓелиќ, па единствен начин да стигнам до работното место е да возам по булеварот Александар Македонски. Не е фер некој да чека во ред заедно со другите возила, додека друг да пушти четири трепкачи и да си се качи на тротоарот за да стигне побрзо до саканата дестинација. На крајот, метежот повторно се случува поради нив, затоа што кога ќе видат дека не можат повеќе да возат по тротоарот, се обидуваат да се пикнат во лентата во која возат другите возила. На тој начин се создава дополнителен метеж, затоа што не е едно возило што сака да се приклучи. По првиот што ќе почне така да се движи, продолжуваат и други, а пред некој ден возач на камион го направи тоа. Со таквото однесување на сите ни се крати времето, сите заглавуваме и сме нервозни – вели Стефан Миленковски, жител на општината Гази Баба.
И пешаците и велосипедистите велат дека мора да внимаваат и да се чуваат од возила на тротоарите и на велосипедските патеки.

– Секое утро за да стигнам на работа се соочувам со несовесни возачи што возат по тротоарот. Замислете, дури и ми свират да се тргнам за да можат да возат по место што воопшто не е предвидено за нив. И морам да се тргнам настрана, па со другите пешаци и велосипедисти стоиме понекогаш и по десетина минути, затоа што и тука возачите се кочат и не можат да се движат. Ние сме буквално припиени до работ на тротоарот и немаме како да се движиме. Во таа нетрпеливост меѓу возачите и набиеност затоа што брзаат, не ни може човек со велосипед да помине, па принудена сум да чекам – вели Сузана Јанковска.
Градските власти велат дека немаат ингеренции за спроведувањето на сообраќајните правила.
– Во тек се градежни активности на повеќе локации за реконструкција на сообраќајниците во надлежност на Градот. Се работи брзо и на повеќе локации, а Град Скопје апелира до возачите за трпение и да се придржуваат до привремените сообраќајни режими, до условите на терен и до поставената сообраќајна сигнализација. За самото спроведување на сообраќајните правила, Град Скопје нема ингеренции, за тоа е задолжено МВР – информираат од градот.
Поради ваквата ситуација и големата нетрпеливост на некои од возачите и преостанатите учесници во сообраќајот, и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, неодамна апелира учесниците во сообраќајот да покажат трпеливост.

[email protected]