Предизвиците што ги наметна пандемијата на ковид-19 предизвикаа многу земји да направат законски измени за подобро да се регулира работењето од дома. Хрватска најавува сосема нов закон за работа од дома. Целта е поголема контрола и надзор врз сите обврски на работодавците врз работниците и обратно. Какви се состојбите во Македонија

Потребен ли е закон за работа од дома во Македонија, во услови кога нашето општество и економија повеќе месеци се соочуваат со предизвиците од животот со ковид-19, а крајот на пандемијата не и ниту на повидок.
Во соседството веќе јавно се заговараат измени и носење законски регулативи, кои се однесуваат на релациите меѓу работниците и работодавците за време на пандемијата и работењето од дома.
Хрватскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) информира дека властите во Загреб се во дилема дали да донесат сосема нов закон што би ги регулирал работните односи од дома за време на пандемијата или би се извршиле измени на постојните закони за работни односи.
Драган Јелиќ, државниот советник на премиерот за социјална политика, изјавил дека актуелното законско решение во Хрватска не е доволно добро за да ги регулира постојните работни релации за работа од дома.
– Наша цел во моментов е да изработиме нов флексибилен закон, кој ќе може потоа да го користат различните сегменти во економијата – изјавил Јелиќ.

Во меѓувреме и Македонија се соочува со многубројни предизвици во моменти кога различни стопански гранки функционираат врз принципот на работа од дома.
Во сублимиран заклучок, универзитетските професори со кои се консултиравме велат дека Македонија треба да ги регулира работните односи од дома, иако сегашното законско решение донекаде ги има неопходните услови за дејствување на компаниите и работниците во вонредни околности, како оваа наметната од пандемијата.
Според нив, законските измени што ја регулираат оваа област веќе се во тек во нашата држава и додаваат дека на Македонија во моментов не ѝ е потребен нов закон за работа од дома, туку се неопходни само добри измени на постојниот закон за работни односи, во кој ќе се втемелат и новите релации наметнати од животот со вирусот.

Наскоро и Македонија во чекор со соседството

Универзитетскиот професор Борче Давитковски вели дека потребата за закон што ќе ги регулира работните односи додека работниците работат од дома е неминовна, тоа е работа што многу држави во моментов се обидуваат да ја решат во правните норми, а сличен процес се одвива и во Македонија.
Професорот вели дека е запознаен со слична иницијатива за воведување вакво законско решение во Македонија, која би можела наскоро да се најде во Собранието на разгледување и вели дека кај нас, најверојатно, нема да се донесе засебен закон за работа од дома, туку ќе се извршат потребните измени на постојниот Закон за работни односи.
– Јас верувам дека ако се спроведат измените на постојното законско решение, за кои има одредени најави во нашето општество дека можеби би можело да се спроведат за дваесетина дена, ќе се воведат поголема контрола и државен надзор врз сите обврски на работодавците врз работниците и обратно додека најголемиот дел од нас работиме од дома – резимира Давитковски.

Потребно е флексибилно решение

Докторката по правни науки и професорка во Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања, Мирјана Најчевска, исто така вели дека во Македонија можеби нема потреба за воведување нов закон за оваа проблематика, туку се потребни измени на постојниот закон за работни односи.
– Јас лично мислам дека нема потреба од посебен закон, но најверојатно се потребни одредени промени од Законот за работни односи, кој и покрај тоа во сегашната форма подразбира одредени флексибилни мерки во регулацијата на односите меѓу работодавците и работниците во делот на работа за време на вонредни околности. Натаму верувам дека измените не треба да бидат сеопфатни туку треба да бидат флексибилни и во тој процес да се остави самите работодавци и работници да си ги решат односите во смисла на приспособување кон настанатата состојба, не само поради потребите со животот со ковид-19, туку и поради новиот начин на дејствување во некои гранки на индустријата, кој е видоизменет од користењето на новите технологии – вели професорката.
Таа додава дека современите технологии сами по себе ја наметнуваат промената на начинот на работа, а со тоа во иднина се очекува и комплетно да се видоизмени начинот на кој одредени професии ќе дејствуваат во практиката.

[email protected]