Изложбата „Гласови и зборови“ на хрватските уметници Ката Мијатовиќ и Зоран Павелиќ ќе биде отворена вечерва во МКЦ. Повеќегодишниот изложбен проект се базира на структурирање изложби од проектите на мултимедијалните дела на двајцата уметници во кои е важен содржинскиот елемент на употребата на текстот, звукот и гласот. Иако повеќето дела што се користат во изложбениот концепт се изведени во медиуми што вклучуваат и визуелна компонента (објекти, инсталации, фотографии, видео или перформанс), основниот пренос на идејата во одбраните дела на двајцата уметници се одвива со посредство на текстот/звукот/гласот.
Изложбениот проект „Гласови и зборови“ е започнат во 2013-та, а досега е реализиран во Берлин, Дубровник, Славонски Брод, Будимпешта, Виена и Лабин.
Ката Мијатовиќ во својата уметничка работа се занимава со преиспитувањето на сложените односи на свесното и несвесното.
Основниот белег на уметничкото творење на Зоран Павелиќ е проблематизирањето на улогата на уметникот, уметноста и уметничките институции во општествено-политички контекст на времето и просторот, комуникацијата со уметничките и културните слоеви на наследството, тенденцијата на концептуалното обединување на посебни сегменти на сопственото уметничко дело.