Во дирекцијата на „Охридско лето“ е отворена изложба на фотографии „Од уметничкиот пат на Георги Божиков“, поглед на творештвото на оперскиот пејач Георги Божиков, по повод 50-годишнината од неговиот прв рецитал на фестивалот. Бас-гласот на Георги Божиков, инаку роден во Петрич во 1931 година, претставува еден од клучните духовни двигатели на македонската музичка култура, во 32-те години што уметникот ги проживеа во Македонија, од 1964 до 1986 година.
За уметничкиот израз на певецот Божиков критиката вели дека секогаш бил врвно професионален, сеопфатно креативен и сугестивен, неповторливо свој и единствен. Георги Божиков во својата уметничка кариера остави белег со 27-те оперски улоги во изведба на Операта при Македонскиот народен театар, но и на значајни европски сцени. Тој беше препознатлив со своите солистички партии во ораториуми и кантати во стилски распон од барокот до денешнината, со концертно изведените соло-песни – бисери на светската вокална литература или многубројните изведби и праизведби на дела од македонски композитори.
Големиот вокален уметник Божиков го задолжи фестивалот „Охридско лето“ со 16 свои настапи. За неговата концертна вечер во рамките на „Охридско лето“, одржана на 2 август 1982 година, во критичкиот осврт објавен во „Нова Македонија“ стои забележано дека тоа била вечер на ретко видени аплаузи.