Издаваштвото „Везилка 2011“ го заокружи издавањето на едицијата „Прашки ракописи“, чиј поттикнувач и автор е македонскиот поет Ристо Лазаров. Последни наслови во едицијата, која содржи десет книги, се: ,,Јесенска – име на љубовта и слободата“, „Сајферт – нобеловецот од прашкиот Монмартр“ и „Кундера – неподносливата леснотија на пасторот“.
За текстовите на Јесенска се вели дека уште се актуелни: духот од тоа време како да дошол до денешни дни, без намера тука да застане; за Сајферт, пак, се посочува пораката при доделувањето на Нобеловата награда: „Светот не го бива без малите земји, како што и светската поезија не ја бива без поетите од малите земји“.
Од животот на Кундера се редовите на една разгледница што тој ѝ ја напишал на една колешка: „Оптимизмот е опиум за народот. Здравата атмосфера смрди на глупост. Да живее Троцки!“, поради што го бркаат од факултетот и од партијата и завршува на принудна работа во рудник.
Во едицијата „Прашки ракописи“ се објaвени и насловите: „Цветаева во Прага“, „Незгасливи чешки пламени“, „Главата на Кафка“, „Процесот Слански и други чешки судбини“, „Храбал – тажниот крал на чешката книжевност“, „Хашек – добриот војник Швејк“ и „Чашек – книжевна легенда“. Колекции од „Прашките ракописи“ авторот ќе ѝ подари на Народната библиотека во Прага, како и на Чешкиот ПЕН.