Романот „Лет над кукавичиното гнездо“ на Кен Кеси беше објавен во 1962 година, додека истоимената филмска верзија следуваше во 1975 година, а токму овој филм е заслужен за сестрата Рачед, која доби култен статус како една од најимпресивните негативки на сите времиња

Злобната медицинска сестра од филмот „Лет над кукавичиното гнездо“ го доби своето почесно место во необичната серија „Рачед“ на Нетфликс. Творецот на „Американска хорор-приказна“, Рајан Марфи ја носи првата сезона од приказната за жена што го користи својот нагон за убивање за да се искачи по хиерархиската скала на психијатриска институција.
Романот „Лет над кукавичиното гнездо“ на Кен Кеси беше објавен во 1962 година, додека истоимената филмска верзија следуваше во 1975 година, а токму овој филм е заслужен за сестрата Рачед, која доби култен статус како една од најимпресивните негативки на сите времиња. За изведбата, на сестра без емпатија за своите пациенти, актерката Луиз Флечер доби „оскар“.
Медицинската сестра Милдред Рачед сега доаѓа во актерска креација на Сара Полсон, која ја гледавме во серијата „Американска хорор-приказна“. Со оглед на нејзиниот талент и широкиот спектар различни улоги што ги играла во својата кариера, сигурно беше дека Полсон ќе придонесе за најпознатата медицинска сестра да дојде до нова генерација обожаватели. Од објавувањето на сите осум епизоди, само триесет часа беа доволно време серијата да стигне до самиот врв на американскиот стриминг-сервис, благодарение на добрата промоција, впечатливата смарагднозелена боја на промотивните материјали, но и трејлерот што ја шокира публиката со крвави сцени.

Во актерската екипа на новата серија на Нетфликс, која најверојатно ќе биде еден од најголемите телевизиски хитови оваа есен, се и Шерон Стоун, Синтија Никсон, Џуди Дејвис, Розана Аркет и Винсент Д’Онофрио. Рајан Марфи е творец на голем број успешни телевизиски серии, вклучувајќи ги „Нип/Так“, „Гли“, но и годинешната серија „Холивуд“ на Нетфликс, чие дејство се случува во истиот период во повоените години во Калифорнија.
Интересно е тоа што продуцент на серијата на Марфи е актерот Мајкл Даглас, кој се најде во улога на продуцент и во популарниот филм на Милош Форман „Лет над кукавичиното гнездо“, инаку првиот филм што освоил „оскар“ во сите пет главни категории.
Филмската медицинска сестра Рачед беше експерт за психолошка манипулација и го водеше одделот за психијатрија со својот неоспорен авторитет сè додека не се сретна со непредвидливиот и импулсивен нов пациент Мекмарфи (Џек Николсон). Нејзиното зло немаше граници, па намерно охрабри еден анксиозен пациент да изврши самоубиство. Мекмарфи тргна во војна со неа, освојувајќи ги другите пациенти и свртувајќи ги против неа.

Серијата на Нетфликс е всушност почеток на приказната за Милдред Рачед, со дејство што нè враќа во 1947 година, кога ќе запознаеме жена што не може да остане долго на која било работа поради својата проблематична личност. Покрај главната негативка, серијата е идеолошка почетна точка за култниот филм, кој зборуваше за тоа колку често нема преголеми разлики помеѓу ментално болните и оние што ги лекуваат.
Во 1947 година, Милдред доаѓа во Северна Калифорнија (во местото Луција) и со помош на фалсификувано писмо се вработува во водечка психијатриска институција, каде што почнува новата ера на експериментален третман за лекување на човечкиот ум, користејќи методи како лоботомија. Милдред е совршено средена во пристојна облека, а зад нејзината совршена надворешност се крие темно минато, кое наскоро ги открива причините зошто сака да дојде до најделикатниот пациент Едмунд Толесон, кој заклал четворица свештеници.
Милдред наскоро го започнува бескрупулозниот пораст во хиерархијата на болницата, заснован на уцени и монструозни убиства, а работите стануваат многу појасни кога ќе се претстави во социополитички контекст на повоена Америка, каде што спектаклот гарантира успех на изборите, па и тортурата врз шизофрените убијци на електрични столови се приредува како гладијаторските борби пред публика. Милдред веднаш се соочува со главната медицинска сестра Бетси Бакет (Џуди Дејвис) и започнува да манипулира со докторот Хановер (Џон Џон Брионис).

Бидејќи вработените во болницата имаат попроблематично минато и полоши „ментални“ тешкотии од оние што ја посетуваат институцијата како пациенти, се открива дека главата на докторот вреди вистинско богатство и дека ја бара ексцентричната богаташка Леонор (Шерон Стоун). Сестрата Милдред исто така има и воено минато, па се води од теоријата дека оној што спасува само еден живот е херој, додека лицето што спасува стотици животи е всушност медицинска сестра.
Серијата „Рачед“ е болно место, каде што можете да ја тестирате сопствената ментална кревкост, каде што ќе видите сцени од демонстрација на лоботомија на труп, потоа монструозни убиства, отсекување на главата и на екстремитетите со пила, третман со пијавици. Меѓутоа, таму ќе сфатите дека светот отсекогаш бил ужасно место и дека најлошите чудовишта не се раѓаат, туку се одгледуваат. „Рачед“ го носи сето она што Алфред Хичкок пред шеесетина години мораше да го премолчи, така што ќе бидете „хипнотизирани и врзани за креветот“ само по првата епизода, без потреба од интервенција на психијатар.