ПРИЛЕП
Училишните раководства на прилепските основни и средни училишта поднесоа барање до владината комисија да им дозволи да организираат настава со физичко присуство за повисоките одделенија. Паралелно во училиштата во тек се подготовките за почетокот на новата учебна година. За да се добие дозвола, училиштето треба да исполнува одредени услови за физичко присуство, а тоа беше посочено и на седницата на општинскиот совет, на која во фокусот беа годишните извештаи и годишните програми за работа на училиштата за учебната 2020/2021.
– Во училиштата спроведовме анкета, при што прашавме родителите каков вид настава сакаат. Во средното училиште „Орде Чопела“, 75 отсто од родителите се изјаснија за настава со физичко присуство, а на ниво на општина тој процент е околу 85.
Во училиштата што ги исполнуваат условите се побара да има настава со физичко присуство, а во другите наставата ќе се одвива онлајн, за што во тек е обука на наставниот кадар за националната платформа. Националната платформа е лесна е за употреба. Има 33 национални обучувачи. Платформата нуди многу можности за наставникот и за ученикот и се надевам дека ќе биде успешна – вели Анета Пејоска, директорка на СОУ „Орде Чопела“.
Постојат услови наставата во средните училишта да се одвива со физичко присуство, за што постојат протоколи што училиштата ги добиле од Министерството за образование.
Владата завчеравечер објави список на училишта што добија дозвола за физичко присуство за повисоките одделенија. Прилепските не се меѓу нив. Прифатен е предлогот на комисијата за настава со физичко присуство да добијат 169 училишта, од кои шест државни училишта за деца со посебни образовни потреби, едно приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно образование, 15 централни општински основни училишта, 147 подрачни основни училишта. Надлежните одлучиле вакви дозволи да им дадат само на училиштата во кои има мал број ученици.