И покрај тоа што по оваа пандемија филмската индустрија во целиот свет ќе има тешки рани, филмот меѓу првите почна да закрепнува и да се соочува со низата предизвици. И „Браќа Манаки“ можеше да се одржи во некаков формат, во знак на таа победа, да ја испише првата страница од оваа посткатастрофична доба, потврдувајќи ја исклучителната планетарна виталност на филмот и на кинематограферите
По повеќе од шест месеци борба за филмската индустрија, која ја запре пандемијата со коронавирусот, месецов се случи првото големо враќање на филмот, со отворањето на 77-от венециски филмски фестивал „Мостра“. Со ова фестивалот направи голем подвиг.
Славниот црвен тепих по кој во претходните години шетаа филмските ѕвезди беше приспособен на новонастанатата ситуација, посебно „физички дистанциран“, но на него, сепак, се појавија големи ѕвезди, како Кејт Бланшет, Тилда Свинтон, Мет Дилон, Ал Пачино, Џорџ Клуни, Дарен Аронофски…, а разликата беше во тоа што годинава немаше обожаватели од страна што чекаат да ги видат своите идоли. Сепак, доаѓањето на ѕвездите на црвениот тепих се пренесуваше во живо на повеќе канали. Проекциите на околу 60 долгометражни и 15 кратки филмови поминаа со послаба посетеност, поради мерките на физичка дистанца, а на гледачите и на посетителите на влезот им се мереше температурата, потоа поминуваа низ термоскенери, главно сите носеа маски… Церемонијата ја снимаа 120 акредитирани фотографи, а ја посетија и уметничките директори на седум истакнати фестивали во Европа: Кан, Берлин, Локарно, Ротердам, Сан Себастијан, Карлови Вари и Лондон.
По тегобните и тешки пролет и лето за целиот свет, годинашната Венеција беше знак на голема доверба и резултат на многу одрекувања, ама фестивалот го зачува своето срце и оваа година донесе оптимизам и надеж дека светот ќе ја победи пандемијата и ќе стане подобар и похуман.
Фестивалот во Венеција беше првото големо филмско случување што се одржа во вистинскиот, а не во виртуелниот свет, од март годинава. И веројатно ќе остане запаметен како клучен момент на повторното придвижување на филмските фестивали, како што пишуваат светските медиуми. Филмаџиите што беа присутни испратија порака на солидарност кон другите фестивали, кои се откажани или одложени, и поддршка на индустријата, која е тешко погодена од пандемијата. Тие рекоа дека чувствуваат одговорност затоа што се први и дека Венецискиот фестивал е некој вид тест за сите…
Но не кажаа дека тие, всушност, беа и лекција за преостанатиот филмски свет, како што впрочем и отсекогаш било. Историјата покажува дека фестивалот не го прекинал својот континуитет на одржување ни за време на Втората светска војна, иако овие изданија од почетокот на 1940-тите се сметаат за „неважечки“, односно како да не се случиле.
Тоа беше лекција на која укажа и директорката Гена Теодосиевска во пресрет на годинашниот ИФФК „Браќа Манаки“, кој викендов имаше една церемонијална „приредба“ во Пациото на Музејот на Битола, кога практично се одржа „филмски фестивал без филмови“, затоа што, покрај формалните обраќања, не беше прикажан ниту еден единствен филм, барем од еден од двајцата лауреати на наградите, големиот Јануш Камински или нашиот Столе Попов.
По тегобните и тешки пролет и лето за целиот свет, годинашниот венециски филмски фестивал „Мостра“ беше знак на голема доверба и резултат на многу одрекувања, ама фестивалот го зачува своето срце и оваа година донесе оптимизам и надеж дека светот ќе ја победи пандемијата и ќе стане подобар и похуман
За одлуката нашиот најстар и најпрестижен филмски фестивал да не се одржи годинава имаше отворено несогласување меѓу фестивалското раководство и Друштвото на филмските работници на Македонија, по што, сепак, преовладеа ставот на Друштвото, кое смета дека примарно државата треба да троши пари за продукција на филм во овие услови на десеткувани буџети.
Сепак, можностите што ги искористија некои фестивали во светот, со далеку помалку рестриктивни решенија, битолскиот „Манаки“ не ги искористи. Дури помина и без ниедна филмска проекција на „скромниот“ настан, иако условите, отворениот простор на Пациото на Музејот во Битола, го дозволуваа тоа.
И покрај тоа што ни го донесе оваа глобална несреќа, по која филмската продукција во целиот свет ќе има тешки рани, филмот меѓу првите почна да закрепнува и да се соочува со низата предизвици. И „Браќа Манаки“ можеше да се одржи во знак на таа победа, да ја испише првата страница од оваа наша посткатастрофична доба, потврдувајќи ја исклучителната планетарна виталност на филмот и на кинематограферите.