Погачар (22) стана првиот Словенец победник на Тур и најмлад победник во 111 години долгата историја, по Анри Корне во 1904-та, како и освојувач на наградите за најмлад возач и за „крал на планините“
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Сензација на 107-то издание Тур де Франс. Младиот Словенец Тадеј Погачар (денеска ќе го прослави 22-от роденден) во претпоследната 20-та етапа на хронометар долга 36,2 км, го победи својот сонародник Примож Роглич (30), лидерот што 13 дена ја носеше жолтата маичка, првиот фаворит и несуден победник, и ја надомести негативата од дури 57 секунди. Пред вчерашната последна етапа, која имаше ревијален карактер низ улиците на Париз, со финиш на Елисејските полиња, Погачар имаше предност од 59 секунди пред Роглич, ланскиот победник на шпанската Вуелта (тогаш Погачар беше трет).
Ваквата драматична разврска во претпоследна етапа потсети на Тур во 1989 година, кога Американецот Грег Лемонд неочекувано, во последната решавачка етапа на хронометар, беше побрз за осум секунди од Французинот Лорен Фињон.
– Ми се чини како да сонувам, имам чувство дека главата ќе ми експлодира. Бев задоволен и со второто место, а ете сега сум во жолтата маичка. Жал ми е за Роглич. Мојот сон беше да бидам дел од Тур де Франс, а ете сега го освоив. Неверојатно е. Горд сум и на колегите од тимот, тие вложија големи напори, честитки и за нив – изјави Погачар.
Погачар, кој вози за тимот ОАЕ-Емирати, стана првиот Словенец победник на Тур де Франс и најмлад победник во 111 години долгата историја на најславната и најгламурозна велосипедска трка во светот, по Анри Корне во 1904-та, на второто издание, тогаш на возраст од 20 години.
Со овој триумф Погачар им се придружи на великаните во велосипедскиот спорт, меѓу кои се издвојуваат петкратните победници, Французите Жак Анкетил и Бернар Ино, Белгиецот Еди Меркс и Шпанецот Мигел Индураин, четирикратниот шампион Британецот Крис Фрум итн.
Успехот на Погачар и на Роглич, кои доаѓаат од една мала земја како што е Словенија, со околу два милиони жители, се смета се вистинско чудо во овој спорт. Во велосипедизмот владеат некои „правила“ што Погачар ги „прекрши“, прво со младоста и со триумфот на првиот настап на Тур, и тоа во последната етапа, и друго.
Погачар, победникот и освојувач на жолтата маичка е освојувач на уште две други награди на Тур, на „белата“ и на „бело-црвената“ точкеста маичка, наменети за најмладиот велосипедист (до 23 години) и за „кралот на планините“, односно за најдобриот на ридско-планинските етапи. За овие постигнувања Погачар, кој победи на три етапи на годинашниот Тур, за триумфот во вкупен пласман ќе инкасира 500.000 евра, од кои добар дел според традицијата ќе подели со своите колеги од тимот, плус 25.000 и 20.000 за „бело-црвената“ и за „белата“ маичка.
Се трка од деветгодишна возраст
Со велосипедизам Тадеј Погачар почнал да се занимава на деветгодишна возраст, натпреварувајќи се и победувајќи во категорија до 11 години, најраната возрасна категорија во Словенија. Неговиот талент бил забележан од сегашниот селектор Андреј Хауптман, освојувачот на бронзен медал за Словенија на Светското првенство (СП) во 2001 година, кој му станал тренер и ментор во следните години, сѐ до станувањето професионалец во 2019 година.
Од тој период Хауптман за магазинот „Просајклинг“ раскажал една анегдота. Кога се појавил на една детска трка во 2011 година, видел група помлади тинејџери велосипедисти на чело на трката и едно многу помладо момче на стотина метри зад нив. Тој им рекол на организаторите дека треба нешто да се стори за да му се помогне на младото дете, на што тие му одговориле дека момчето е речиси еден круг пред постарите и теоретски посилни возачи.