„Односите со јавноста, социјалните медиуми и јавното мислење“, првата стручна книга од новинарката Каролина Мицевска, дописничка на „Нова Македонија“ од Прилеп, ќе биде промовирана утревечер, во 19 часот, на летната сцена на Центарот за култура во Прилеп. Книгата, чие издавање е поддржано од Министерството за култура, ќе биде одлично четиво во оваа област, бидејќи односите со јавноста се многу важен планиран процес за влијание врз јавното мислење, односно врз заемно задоволителна двонасочна комуникација.
– Односите со јавноста придонесуваат да се проектира, да се креира имиџот на една институција или, пак, на една личност пред јавноста. Тоа е двонасочен процес, во кој пораката се пренесува до публиката, но мора да се има и повратен процес, пред сѐ заради практичност во работата.
Последните години голем замав во интернет-комуникацијата зазедоа социјалните медиуми (социјални мрежи), кои се збир од многубројни канали за комуникација, интеракција меѓу повеќе луѓе, кои, пак, може да споделуваат најразлични содржини и во исто време да соработуваат. Онлајн комуникацијата преку социјалните медиуми го креира јавното мислење, односно придонесува за почнување одредени активности кај граѓаните за најразлични прашања. Освен тоа, социјалните медиуми сѐ почесто се користат во односите со јавноста од страна на практичарите.
Ова беше главната причина за изработување на книгата, која е резултат на мојот претходно одбранет магистерски труд. Односите со јавноста и социјалните медиуми имаат големо влијание врз јавното мислење, кое е клучно за креирање ставови – вели авторката.
Каролина Мицевска речиси 30 години, од кои 20 во нашиот весник, преку новинарството го креира јавното мислење во градот, а е соработничка на повеќе монографии и има реализирано десетина изложби на фотографии.