На собраниската седница денес се обрати Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „За обнова на Македонија“. При своето обраќање Милошоски посочи дека Комисијата за избори и именувања не може да биде над Собранието.
– Зошто сметам дека дневниот ред е несоодветен и спротивен на Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија? Затоа што 30 години во ова Собрание никогаш не се случило да се утврдува персонален состав на постојаните работни тела, едноставно наречени Комисии на Собранието. Без притоа да биде донесена одлука за формирање на Комисии на Собранието – појасни Милошоски.
Милошоски додаде дека согласно член 118 од Собранискиот Деловник запишано е став 1 – „Постојаните работни тела се основаат со одлука на Собранието“. Така било во 91-тата година, 94-тата, 98-ма и 2017-та година, до ден денес.
– Затоа што Собранието може да одлучи да има поинаков број или поинаква надлежност на постојаните работни тела. На пример 2006-та година имало 19 комисии како постојани работни тела во Собранието, додека во 2016-тата година имало 21 работна Комисија. Се одлучило во 2016-тата година дека треба да постои и Комисија за локална самоуправа, Комисија за еднакви можности помеѓу мажите и жените. Кои што Комисии ги немало во 2006-та година – истакна Милошоски.
Тој рече дека Комисијата за избори и именувања не може да биде над Собранието. Собранието мора прво да донесе одлука за формирање на постојани работни тела, а потоа Комисијата за избори и именувања да предложи нивен персонален состав, кој што Собранието има право целосно да го прифати, да го измени, да го одбие, и да одлучи суверено, и да го има крајниот збор во одлучувањето во Законодавниот дом.