Русија сака да го спречи опремувањето на војските со американско оружје во поранешните држави од социјалистичкиот блок што се членки на НАТО. Во балканските држави во тек е процес на осовременување на воениот арсенал и замена на застарената советска воена машинерија. Покрај веќе познатото ривалство за придобивање на приматот на пазарот на воена опрема меѓу Русија и САД, во оваа трка се вклучуваат и другите големи извозници на оружје во светот. Во Бугарија и во Хрватска, во последниот период, се води тивка војна за придобивање на милионските договори за набавка на нови воени авиони. Истото тоа се случува и во Србија, која влезе во сериозен процес на зајакнување на српската војска, која е изложена на притисоците од Русија, Кина и од САД за купување борбени авиони и противвоздушни ракетни системи.
Деновиве во медиумите на Балканот имаше повеќе текстови за постоење на различни лоби-интереси за поделбата на пазарот на оружје. „Спутник“ пишува за инсистирањето на бугарскиот претседател Румен Радев за купување на шведските ловци „грипен“, но за кои во Атланскиот совет на Бугарија сметаат дека не се „компатибилни со авионите на НАТО“. Претставникот на советот Огњан Минчев смета дека и последниот случај со претресот на канцелариите на претседателот на Бугарија и апсењето на неговиот советник и секретар е поврзан со сомневањата „за предавање на Русија на тајните информации од договорот за купување на американските ’Ф-16’“.
– Не сум сигурен, информациите со кои располагам се неофицијални. Во документацијата се наоѓаат описи за радарските можности на ловците. Се надевам дека истрагата ќе ги комплетира сите информации – изјави претставникот на Атланскиот сојуз на Бугарија.
Поранешниот министер за одбрана Николај Ненчев, по претресот на 9 јули годинава, искажа сомневање за можноста дека е поврзан со предавање на тајните од договорот со САД за купување на борбените авиони.
Стејт департментот на САД минатата година го одобри купувањето на осум ловци „Ф-16“ и дополнителна опрема за Бугарија, во вредност што се проценува на 1,67 милијарда долари. Бугарската влада одвои сто милиони лева од буџетот (51 милион евра) за изградба на инфраструктура за американските ловци, вклучувајќи и изградба на писта. Испораката на американските воени летала се планира за 2023 и 2024 година. Набавката беше поддржана од владејачката коалиција на ГЕРБ, предводена од премиерот Бојко Борисов. Против беа претседателот Румен Радев и опозициската социјалистичка партија, пренесува „Спутник“.
Во Хрватска долго време се води постапка за купување нови авиони за военото воздухопловство, а претходно пропадна и идејата за набавка на половни авиони од Израел. По парламентарните избори годинава, Владата ја забрза постапката за реализација на оваа набавка. Во Министерството за одбрана на Хрватска беа примени понудите за повеќенаменски борбени авиони од Шведска, САД, Франција и од Израел.
Звонимир Фрка-Петешиќ, претставникот на Канцеларијата на премиерот Андреј Пленковиќ, изрази задоволство од пристигнатите понуди и рече дека тие се во насока на поставените цели: авионите да бидат од четвртата генерација и да бидат компатибилни со стандардите на НАТО, како за исполнување на задолжителниот услов, тие да бидат од западна технологија. Хрватска доби две понуди за набавка на нови авиони и две за половни.
Началникот на Главниот штаб на Хрватската војска, адмирал Роберт Храњ, информира дека Шведска понудила нови авиони „грипен“ од моделот Ц/Д, САД нови „Ф-16“, а француската понуда се состои и од половни авиони „рафал“, додека Израел учествува со половни авиони „Ф-16“. Процесот на евалуација на понудите ќе трае до крајот на 2020 година.
Во врска со набавката на 12 борбени авиони за воено воздухопловство, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, рече дека нема да ја опструира постапката за нивната набавка, која е во тек.
– Можам да дадам само свое мислење кои авиони да се купат. Тоа важи и за некои луѓе што се именувани во комисијата за набавка на леталата. Бидејќи не станува збор за набавка на гумени бонбони, туку од скапи предмети – првиот избор треба да бидат американските авиони. За тоа има многу причини, ни подарија многу опрема. Важно е прашањето за цената и што се добива со неа. Јавно го кажувам тоа затоа што не учествувам во набавката – изјави Милановиќ.
Минатиот месец објавувањето на намерата на Србија да го набави кинескиот ПВО-систем „ФК-3“ предизвика еднаква вознемиреност во Вашингтон, Брисел и во Москва. Од Амбасадата на САД во Белград порачаа дека „владите треба да се свесни за краткорочните и долгорочните ризици и за цената што ја носи соработката со кинеските компании“. Претходно забелешките се однесуваа за набавка на воена опрема и оружје од Русија, а од САД упатуваа и мали закани за евентуални санкции кон Србија, затоа што не се почитувал вашингтонскиот акт за спротивставување на американските непријатели. Набавката на кинеските ракети наиде на критики и од претставници на српската опозиција што имаат блиски релации со Москва. Со набавката на кинеско оружје Белград сака да ѝ испрати порака до Москва дека не зависи исклучиво од руското вооружување, беа коментарите на некои медиуми во Русија.
Најголемо внимание во Брисел и во Вашингтон предизвика набавката на рускиот ракетен систем ПВО „панцир С1“, кој годинава официјално беше воведен во воениот арсенал на војската на Србија. Нивните критики се однесуваа на тоа дека Белград отстапува од вообичаената безбедносна практика на ЕУ. Властите во Србија својата воена неутралност ја поткрепуваат и со тоа што се купува оружје од западни производители.