Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва изјави дека Србија успеала да ги отвори вратите во Белата куќа. Вели дека на Србија ѝ била укажана почит во САД, и земјата била означена како важен партнер.
– Не сум глупав да мислам дека тоа не е поврзано со прашања поврзани со САД, но на Србија ѝ беше укажана почит – рече Вучиќ во емисијата „Интервју“ на Српската радиотелевизија.
– Пред да заминам за Вашингтон навестив дека ќе има изненадувања, бидејќи нашите служби дојдоа до информација дека ќе има точки што немаат никаква врска со економијата – рече Вучиќ, обидувајќи се да го објасни контекстот во кој беше потпишан договорот во Вашингтон.
– Слушам две или три години – не, не можете да седите на две столици, а секогаш велев дека Србија седи само на својот стол. Денес имате повеќе од четири столици – ЕУ плус Германија, САД, ги имате Кина и Русија, но исто така и големи регионални играчи, во нашиот регион тоа е Турција – истакна Вучиќ.
– Позицијата на Србија, која е на европскиот пат, воопшто не е лесна. Во САД, вратите на Белата куќа беа затворени за нас до овој момент – рече Вучиќ, наведувајќи дека ги донел оригиналите на договорите потпишани во Белата куќа, „за луѓето да видат што е вистина, а што не е“.
Вучиќ исто така изјави дека и претседателот и министерот за надворешни работи на Русија му се извиниле за објавата на портпаролот на Кремљ, Марија Захарова.
Вучиќ за РТС рече дека рускиот претседател Владимир Путин и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров „никогаш порано не се извиниле за ништо, а сега тоа го направиле и двајцата“.
– Путин ми рече дека руската држава не стои зад тоа (објавата на Захарова), а особено не тој лично – рече Вучиќ.
Тој изјави дека односите меѓу Србија и Русија се „многу добри“, дека има „чести консултации“ со Путин и дека јавноста „може да види колку ги почитува Русија и него и Србија, по „невидениот пост“ на Захарова.
Во саботата, Захарова објави на Фејсбук фотографија на српскиот претседател Александар Вучиќ на ниско столче пред голема маса со американскиот претседател Доналд Трамп и фотографија на сцена од филмот „Ниски страсти“, во која актерката Шерон Стоун седи со прекрстени нозе на полициско испрашување.
– Ако ве поканат во Белата куќа, а столчето е поставено како да сте на сослушување, седите како на сликата број 2. Безразлика кој сте. Верувајте ми – напиша Захарова.
Таа подоцна се извини за објавата и изјави дека е „погрешно протолкувано“, алудирајќи дека мисли на односот на САД кон гостинот.