Излегувајќи од авионите на Военото воздухопловство на САД, како дел од вежбата на американската армија во комбинација со роботи, четириножни робокучиња се појавија на аеродром во пустината Мохаве, нудејќи поглед на потенцијалниот начин на војување во иднината, пренесува Си-ен-ен.
Вежбата, спроведена минатата недела, е еден од најголемите експерименти со технологија за вештачка интелигенција на американската армија досега, која личеше како дел од научнофантастичен филм.
Според соопштението на воздухопловните сили од 3 септември, робокучињата биле дел од вежба која е симулација на слетување на непријателска територија. Тие биле испратени надвор од авионот во извидница и имале задача да лоцираат можни закани, пред војниците да излезат и да бидат изложени на нив.
Робокучињата, се именувани како „Вижн 60 УГВ“, или „автономни беспилотни копнени возила“ од нивниот производител, „Гоуст Роботикс“, со локација во Филаделфија.
– Намалувајќи ја нивната механичка комплексност, ние ја зголемуваме издржливоста и агилноста на робокучињата. Тие се незапирливи. Во американската „војска на иднината“, тие би можеле да бидат витална компонента – пишува на веб-страницата на компанијата.
Робо-кучињата се само мал дел од „напредниот систем за управување со битки“ на американската армија. Тие користат вештачка интелигенција и брза анализа на податоци за откривање и за спротивставување на заканите.
Според Вил Ропер, во иднина војниците ќе се соочуваат со голем број податоци, а за проценка на ситуацијата на бојните полиња тие ќе треба да се потпрат на синтезата на податоците достапни во наносекунди, со цел за да можат ефикасно да се борат.
Ваквите вежби биле спроведени на 30 локации низ САД. Робокучињата пренесувале визуелни податоци за областа додека ги чувале војниците, кои биле во, и близу до авионот. Тие имаат способност да работат на кој било терен, а притоа се прилагодливи и да носат низа сензори и радија на нивните тела.
– Истражуваме како преку сензори да им овозможиме на робокучињата да детектираат напаѓачи на бојните полиња, а притоа да го изведуваат тоа со голема брзина и под постојана закана. Да се донесат до совршенство ваквите концепти ќе значи голема предност во битките кои ќе се водат во „ерата на информациите“ – вели генерал Џон Рејмонд.