Еден полицаец е повреден откако непознат сторител со џип се насочил кон полициска патрола која вршела контрола за нелегална сеча на дрва во гостиварска Долна Бањица.
Според СВР Тетово, утрово околу два часот полициски службеници од Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар, преземајќи активности во атарот на гостиварска Долна Бањица, забележале патничко возило „Фолксфаген венто“ зад кое по земјениот пат Сушица-Гостивар се движел џип без регистерски таблици, натоварен со огревни дрва.
– Полицајците на возачот на џипот му дале знак да застане, но наместо тоа, откако до него се доближиле, нагло ја зголемил брзината и се упатил кон нив, при што со повреди се здобил еден полициски службеник – информираат од СВР Тетово.
Во акцијата, од слобода е лишен и задржан А.М. (49) од Долна Бањица кој го управувал „вентото“.
Се работи на расчистување на случајот и откривање на трите лица кои се наоѓале во џипот.