Американската фирма за производство на велосипеди, „Канондејл“ пред неколку дена го претстави новиот модел „систем-сикс“, кој чини 11.000 долари. Во „Канондејл“ тврдат дека хипераеродинамичниот велосипед е „најбрз меѓу тие што ги користат професионалците, најефикасен и најдобар на пазарот“, што, секако, нема да им се допадне на конкурентските фирми како „Трек“, „Спешлајзд“, „Кенјон“ и други.
Велосипедот во САД ќе се продава за 11.000 долари. Ќе има и други верзии, со поинаква опрема, кои ќе се продаваат по многу пониска цена, за 4.000 долари, почнувајќи со „ултегра систем-сикс“.
Името систем-сикс произлегува од пристапот на „Канондејл“ за интегриран дизајн, почнувајќи од рамот, виљушката, тркалата, држачот за седиштето, кормилото и стеблото (делот што го спојува рамот со рачките). Резултат на сето тоа, велат во компанијата, е велосипед што е најбрз, не само на пробните возења во воздушниот тунел туку насекаде на патиштата.
Досега најдобриот велосипед што го имаше „Канондејл“ беше моделот суперсикс ЕВО, кој се покажа одлично на ридските етапи и воопшто, но ја немаше префинетоста на новиот модел.