Заврши собраниската седница за избор на влада. Расправата ќе продолжи утре во 12 часот.
Претседателот на Собранието Талат Џафери ги предупреди пратениците утре да дојдат навреме, откако на крајот од денешната седница му дофрлија за доцнењето на почетокот од приближно еден час.
– Не чепкајте каде што не треба. Нема да дојдете во 12 часот па ќе се лутите – рече претседателот Џафери.
На денешната седница мандатарот Зоран Заев ја претстави програмата на владата за следните четири години, а своите ставови ги кажаа и дел од пратениците.
Прв најавен говорник за утре е Павле Трајанов, а по него се Енви Азири, Марија Петрушевска и Арбер Адеми.
Рокот во кој треба да се изгласа новата влада истекува утре, на полноќ.