Некои пратеници реагираат дека им е дадено премалку време за разгледување на еден ваков суштински документ како што е програмата за работа на новата влада.
В сабота, 29 август, закажана е собраниската седница на која треба да се разгледа, да се дебатира и да се изгласа составот и програмата на Владата предложена од мандатарот Зоран Заев. Предлог-програмата и биографиите на предложените министри во идниот владин кабинет се доставени до Собранието за пратениците да се запознаат со содржината на програмата и да дискутираат за неа пред да гласаат. Некои пратеници реагираат дека им е дадено премалку време за разгледување на еден ваков суштински документ како што е програмата за работа на новата влада. Забелешките се дека практично имаат само два дена (од кој едниот празничен) за разгледување и анализа на владината предлог-програма, пред седницата.
Токму за краткиот временски рок за разгледување на владината предлог-програма од педесетина страници, на социјалните мрежи се огласи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој посочи дека во периодот од 2006 до 2014 година, на четири парламентарни состави им било оставено време од 11 или 12 дена за согледување на сите аспекти на програмата, додека во 2017-та и сега во 2020-та за тоа се овозможени два-три дена.
– Според бројот на деновите дадени за подготовка во врска со материјалите за составот и програмата на Владата се мери и почитта на власта кон јавноста и пратениците. Ваквото кратење на роковите потребни за добра подготовка и здрава парламентарна дебата само покажува колку власта ги „почитува“ Собранието, функцијата пратеник, медиумите и пошироката јавност – реагира Милошоски.
Од друга страна, интегралниот документ на предлог-програмата на Владата не беше објавен на веб-страниците ниту на Собранието ниту на Владата, откако беше доставена во парламентот од мандатарот, со цел пошироката јавност да може да се запознаа со нејзината содржина. „Нова Македонија“ побара мислење од повеќе пратеници застапени во македонското собрание во однос на новата владина програма, и повеќето од нив останаа воздржани во однос на првичните оцени и можни забелешки на владината предлог-програма, токму поради краткиот временски период од приемот на документот до затворањето на денешното издание на весникот.
Со свој став сепак се огласија некои од поранешните пратеници и искусни политичари.
– Секако дека би било подобро пратениците да имаат повеќе време за разгледување на предлог-програмата на Владата, но мислам дека овој пат таа не е толку непозната, зашто мандатарот повеќепати во јавноста има зборувано за нејзината содржина. Сепак, сега сме во една вонредна ситуација предизвикана од пандемијата на ковид-19 и не треба насила да се предизвикуваат проблеми, за да може Владата побрзо да почне да функционира и да преземе соодветни дејства за справување со натрупаните предизвици – смета поранешниот спикер на македонскиот парламент Стојан Андов.
Во однос на предлог-програмата, Андов истакна дека идната влада треба сериозно и приоритетно да се зафати со исполнување на ветувањето за владеење на правото и борбата против корупцијата, укажувајќи дека принципот на неказнивост што долго време е присутен во македонското општество е многу опасен и создава правна несигурност.
– Владеењето на правото и борбата против корупцијата се побарани директно од ЕУ, ако сме сериозни со намерата да почнеме преговори за членство. Што се однесува до исполнувањето на програмите од почетокот на мандатот, мислам дека не постои влада што целосно ги исполнила ветувањата. Делумно тоа се случува поради непредвидливоста на некои околности (како сега коронавирусот), а некогаш во текот на мандатот се појавуваат нови приоритети со кои треба да се справува извршната власт. Но сето тоа на крајот влегува во оцената за успешноста на една влада пред наредното изборно соочување. Инаку, сите владини програми кога се предлагаат се измазнети и полни со ветувања – вели Андов.
Професорката по уставно право Гордана Силјановска-Давкова, која во овој парламентарен состав првпат настапува и како пратеничка, целиот почеток на работата на Собранието и краткиот временски рок за читање и анализа на владината програма ги цени како несериозен однос на Владата спрема парламентот.
– Секако, ќе ги прочитам и ќе ги проанализирам тие педесетина страни од предлог-програмата на Владата, иако имаме само два дена до седницата на која треба да расправаме за тоа. Но ваквиот однос на Владата уште еднаш го потврдува драматично нарушениот баланс во поделбата на власта. Кај нас очигледно господар на егзекутивата е Владата, додека пратениците се претворени во воајери, набљудувачи на некои избори што се направени надвор од Собранието.
Тоа, секако, не е демократија. Мислам дека не постои пример во демократскиот свет каде што за влада се одлучува два дена по доставувањето на предлогот во парламент. Принципот е дека Владата се избира според програмата, а кај нас очигледно таа се креира според ликови, а не според програмската блискост на коалициските партнери – вели пратеничка Гордана Силјановска-Давкова.