Руските власти многу бргу ги издадоа сите дозволи да го пренесат блогерот Алексеј Навални од Омск во Берлин. За ова прашање не беше потребна интервенција на претседателот Владимир Путин, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува ТАСС.
– Не, ова не беше одлука на претседателот – рече Песков одговарајќи на прашањето дали Путин учествувал во преговорите или во донесувањето одлуки за трансферот на Навални во Германија за лекување.
Според Песков, тоа било целосно лекарска одлука, поврзана со здравствената состојба на пациентот.
– Нема причина за меѓународни преговори. Можам да кажам само дека, без сомнение, во овој случај нашите релевантни власти многу бргу направија сè. Сите дозволи во врска со формалностите на летот беа дадени многу бргу и без никакви пречки, веднаш штом медицинските лица оценија дека е безбеден трансферот на пациентот – рече Песков.
Коментирајќи ги извештаите за наводниот надзор над Навални, Песков истакна дека не е сигурен колку се веродостојни овие извештаи.
– Цитирањето анонимни извори секогаш ја прави веродостојноста на информацијата само делумна – посочи тој.
Во суштина Песков го пренасочи ова прашање кон раузнавачките агенции.
– Секако, некои мерки за набудување кон некои луѓе не може и не треба да се преговараат со кој било државен орган, а камоли со администрацијата на претседателот. Ова е прерогатив на разузнавачките агенции. Можно е само да се провери веродостојноста на овие извештаи, за надзорот над Навални во тие агенции – истакна тој.
На 20 август авионот на Навални од Томск до Москва итно слета во Омск поради нагло влошената здравствена состојба на опозиционерот. Навални беше хоспитализиран, тој бил во кома и бил приклучен на респиратор. На 22 август тој беше префрлен во Германија на лекување.