Германија, Франција и Австрија забележаа најголеми дневни бројки на новозаразени лица во последните неколку месеци, а денеска загриженост предизивика и евентуалното дополнително зголемување на бројот на заразени, како резултат на враќањето на граѓаните од летните одмори и почетокот на школксата година во училниците.
Денеска во Германија потврдени се 1.707 нови случаи на инфекција, што е најголемото дневно зголемување од почетокот на пандемијата во април.
Германија се смета за една од земјите кои успешно се бори против коронавирусот во споредба со многу други европски земји, но дневните бројки на заразени значително се зголемија во текот на летните одмори.
Причината за големиот број на нови случаи, властите ја лоцираат кај граѓаните кои се враќаат од одмори, но и забави, како и од семејни собири.
Во некои делови од Германија, училиштата веќе се отворија минатата недела.
Германија минатиот месец воведе бесплатно и задолжително тестирање на коронавирус за секоја личност што се враќа во земјата од област со лоша епидемиолошка состојба.
Канцеларката Ангела Меркел минатата недела предупреди дека нема да има понатамошно опуштање на ограничувањата.
Франција, пак, во средата го забележа најголемо дневно зголемување на бројот на заразени од мај.
Скоро 3.800 нови случаи беа регистрирани за 24 часа, соопшти ДГС, одделот за јавно здравје при Министерството за здравство.
– Сите индикатори се во пораст, а преносот на вирусот се засилува – се вели во соопштението на ДГС.
Тулуз во средата стана првиот француски град кој воведе задолжително носење маски на отворено.
Носењето маски е веќе задолжително во јавниот превоз и на јавните места на затворено во Франција.
Во Австрија исто така во последните 24 часа е забележан нов рекорд за бројот на новозаразени.
Коронавирусот е потврден кај 347 лица.
Според австриските власти, за овој број, најголем од почетокот на април, придонеле повратниците од одморите, пред се од Хрватска.
Само во Виена има 187 нови инфекции.