Кај Орландо брилираше Никола Вучевиќ со 35 поени, а кај Портланд Демијан Лилард со 34 коша
Кошаркарите на Орландо го шокираа фаворизираниот тим на Милвоки во првиот натпревар од плејоф-серијата во НБА, забележувајќи победа со 122-110. Најдобриот тим на Истокот годинава потфрли против осмопласираниот Орландо, во чии редови, пак, брилираше црногорскиот центар Никола Вучевиќ со 35 поени и 13 скока, а од игра имаше успешност на шут 15 од 24, со што постави и личен рекорд на дадени кошеви на еден плејоф-меч.
Орландо ја доби првата четвртина со 10 поени предност, но решавачкиот период беше третата четвртина во која клубот од Флорида повторно стекна двоцифрена разлика. Теренс Рос уфрли 18 поени, Гери Кларк и Маркел Фуле по 15, додека кај поразените, Јанис Адетокумбо реализира 31 поен, Џорџ Хил 16, а Ерик Бледсо 15 коша. Следниот меч помеѓу овие клубови од плејоф-доигрувањето е денеска, а победникот ќе вкрсти со подобриот од дуелот Индијана – Мајами.
Изненадување направи и Портланд, кој славеше против ЛА лејкерс со 100-93 и поведе со 1-0. Ова беше и голем удар за најголемата ѕвезда во „Дизниленд-центарот“, Леброн Џејмс, кој мечот го заврши со 23 поени, 17 скока и 16 асистенции. Подобар од него беше само Ентони Дејвис со 28 коша. Портланд успешно го предводеше Демијан Лилард со 34 поени.
Во другите дуели, Хјустон и без Расел Вестбрук, но предводен од Џејмс Харден (37 поени и 11 скока) ја победи Оклахома сo 123-108, додека Мајами славеше над Индијана со 113-101.