Момчето со голема харизма и со мила ѕвезда, кое премногу брзо го живееше животот, во последно време подготвуваше нов музички материјал и големо враќање на музичката сцена
Со неверување и вчудовиденост, во саботата претпладне одекна веста дека е пронајден мртов, во својот автомобил, младиот македонски пејач и глумец Влатко Илиевски. А само пред неколку дена, на 2 јули, тој наполни 33 години и, според изјавите на неговите блиски пријатели и колеги, бил ангажиран со подготвување нов албум. Во тек беа и концертите со неговата група „Морал“, чиј член е дваесетина години, која пролетва го издаде албумот „Кофеин блуз“, а тука се и свирките во земјава и низ регионот, една снимена телевизиска серија што ќе ја гледаме во септември, долгогодишните ангажмани како водител на „Златно славејче“, каде што и самиот првпат се качи на големата сцена.
Тешко е да се поверува дека не е веќе меѓу нас златното дете на македонскиот рокенрол, убавецот со сини очи, секогаш насмеаното, добро воспитано момче, по кое лудуваа девојките. Кариерата ја почна многу млад и во стилот на својот идол Бон Џови, со долга руса, кадрава коса и со имиџ на рокер, почна да се искачува на скалилото на популарноста, најпрво со учество на фестивалот „Рок-фест“. А кога стана пејач на „Морал“, што воопшто не беше лесна задача, тој одговори многу одговорно и со својот специфичен рокерски засипнат глас ги обои нивните песни.
По неколку години сними и поведри поп-рефрени и почнаа да се нижат хитови, дуети, соработки со најдобрите композитори, менаџери, продуценти, а популарноста нагло му се зголеми. Дојдоа и нагрaдите, прво фестивалските, па прогласувањето на негови песни за хит на годината и, како логичен тек на нештата, учеството на „Евровизија 2011“ во Диселдорф, Германија, со песната „Русинка“. Завчера и на официјалниот евровизиски сајт осамна веста за неговото трагично заминување.
Влатче, како што го викаа блиските и колегите, беше меѓу првите македонски пејачи што ја наполни салата „Борис Трајковски“, каде што одржа одличен солистички концерт, со многу гости, во јуни 2010 година, а лесно ги полнеше и Универзална, МОБ, со концерти-подароци за публиката.
Љубопитен и неуморен, тој оствари уште еден сон, стана актер со диплома и се докажа и на ова поле со неколку впечатливи улоги, а оние вистинските допрва требаше да ги одигра. За улогата на „Есенин“ дури и се потстрижи, глумеше во филмот „Златна петорка“, во драмската хумористична серија „Од денес за утре“, како и во руско-македонската серија „Кум“.
Омилен меѓу сите, момче со голема харизма и со мила ѕвезда, кое премногу брзо го живееше животот, во последно време, според сведоштвата на најблиските, се втурна во својата последна животна авантура, преминувајќи ја тенката линија меѓу сонот и јавето. Можеби тоа го сторил барајќи нов стимул, нов предизвик во животот, но неговото патување, за жал, заврши прерано, а животната приказна остана недораскажана.
Ќе останат песните: „Со други зборови“, „Така требало да биде“, „Не те можам“ (дует со Дани Димитровска), „Гушни ме“ (дует со Тамара Тодевска), „Небо“, неговата верзија на „Скитник“, „Најбогат на свет“, „Среќа“, „И ти и јас“, „Есен“, „За љубов се пее до крај“ (со Ристо Самарџиев), „Македонка“… и спомените, спотовите, улогите, концертите, кои секогаш беа топло примени од публиката чиј миленик беше.
Влатко Илиевски ќе остане запаметен и по убавата искрена насмевка што разоружуваше, по детскиот чист поглед, по позитивната енергија што ја ширеше околу себе…
Животот му застана на бројот 33, велат свети години, во мигот кога сакаше да види што има од другата страна на виножитото.
Погребот на Влатко Илиевски беше извршен вчера на гробиштата во општината Ѓорче Петров, а последно збогум му кажаа огромен број негови колеги, пријатели и верни обожаватели.
Колегите се сеќаваат на Влатче
Дарко Тасев: Шокирани сме. Повеќе сум лут, отколку тажен. Пред една недела ми прати слики и песни од Белград. Линкови од Били Ајдол и од Бон Џови. Имаше сериозни планови врзани за музиката. Сакаше да се врати со препознатливиот урбан звук.
Славчо Стојановски: Немам зборови, само солзи.
Ивица Јорданов: Секогаш ќе те паметам како момче со многу позитивна енергија, харизма… На бина знаеше сите да нѐ поттикнеш, да нѐ мотивираш. Почивај во мир, Влатче наш.
Тамара: Друже мој најсакан. Ми го скрши срцето. Нека ти е светол патот. Се надевам дека ти е сега подобро. Ќе ми фалиш цел живот. Почивај во мир, сино око мое.
Дани Димитровска: Влатче брату, немам зборови ни утеха! Само кнедла во грло… Засекогаш ќе ми светиш во срцето.
Гаро Тавитјан јуниор: Скопски урбан дечко, рокер во душа, џентлмен, музичар, актер и добар човек… Те сакаа сите домашни музичари и повеќето од балканските легенди, а јас ќе ги памтам нашите инспиративни заеднички средби со тебе, пријателе, како и дружбите со Оливер Мандиќ… Ќе останеш пријател што нема да го заборавам…
Елена Ристеска: Што да напишам? Што да кажам? Боли кога ќе згасне млад живот, особено уметничка душа обожавана од сите и од колегите. Знаевме да се скараме, знаеше да се нашали, не бевме најблиски ама се почитувавме. Не ми се верува дека вчера околу ручек ми пиша да направиме дует за „Усни како темно мастило“ што требаше да го сториме одамна, а денес веќе го нема!
Дејан Цукиќ: Трагедија… Прекрасното, добро момче Влатко Илиевски. Зошто?!