Руските власти им понудиле на САД „досега незабележана соработка“ за операцијата „Ворп спид“ на американската агенција основана за забрзување на пристапот до ефективна вакцина против ковид-19, но американските власти ја одбиле понудата, тврди Си-ен-ен, повикувајќи се на извори во руската власт.
– САД имаат општо чувство на недоверба кон Русија, а ние веруваме дека технологиите, вклучувајќи ги вакцините, тестирањата и третманите, не се усвојуваат во САД поради таа недоверба – изјави висок руски претставник за американската телевизиска мрежа.
Портпаролката на Белата куќа Кејли Мекенани кажа дека американскиот претседател Доналд Трамп бил известен за руската вакцина, но оти американските вакцини поминуваат низ ригорозната трета фаза од тестирањето според високи стандарди.
– Руската вакцина е „полупечена“. Нема теорија да ја испробаме вакцината ни врз мајмуни, а камоли на луѓето – изјавил претставник на американските здравствени власти.
Во вторникот рускиот претседател Владимир Путин откри дека Русија ја произвела вакцината, наречена „Спутник 5“, и дека неговата ќерка веќе ја примила. Но, тестовите за нејзината ефикасност допрва треба да се завршат, а американските експерти се скептични во врска со тврдењата.
Русија е отворена за споделување информации за вакцината и сака да им овозможи на американските фармацевтски компании да ја произведуваат и на американско тло. Руските претставници сметаат дека Вашингтон треба сериозно да размисли за нејзино усвојување, бидејќи таа би можела да спаси многу американски животи.
Најмалку 20 земји во Латинска Америка, Блискиот Исток и Азија изразија интерес за руската вакцина. Претседателот на Филипините, Родриго Дутерте, изјави дека има толку голема доверба во вакцината што прв ќе ја прими кога ќе пристигне во неговата земја. Сличен интерес пројави и Мексико.
Развиена од московскиот институт „Гамалеја“, вакцината беше одобрена од руската влада пред да започнат клучните испитувања од третата фаза. Главниот проблем за САД, сепак, преостанува фактот дека Русија досега не објави никакви научни податоци за нивното тестирање и не е во состојба да ја потврди безбедноста или ефективноста на вакцината.
– Нема испитувања и податоци за нивната вакцина. Русија не направи доволно тестови врз луѓе за да се утврди дека таа има ефикасност од големи размери – изјави претставникот на американската влада.
Пристап до вакцината „Спутник 5“ во Русија првин ќе имаат високоризичните групи пред да започне масовната вакцинација во октомври.
– Светската здравствена организација и САД не го сфаќаат тврдењето сериозно бидејќи Русија не ги заврши трите фази на тестирање. Кина е многу поблиску да победи во трката за производство на ефикасна ковид-вакцина – изјави поранешен висок функционер на американската администрација.
Американските извори веруваат дека единствената причина поради која Русија e за да стекне предност над ривалите, со надеж дека ќе ја искористи вакцината за стратешки цели. Путин, како и Трамп, е под голем притисок да демонстрира огромни напори за пораз на вирусот.
– Никој нема да се осмели да се сомнева во Путин, но руските стандарди за ефикасност не се исти како оние на САД – вели поранешниот функционер.