Реализацијата на проектот чини 60 илјади швајцарски франци обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка

Кочани

Жителите од населените места Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци конечно ќе добијат осветлени патишта. Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, и избраниот изведувач „Електрика“ го потпишаа договорот за јавно осветлување на овие населени места. Проектот се реализира со средства во износ од 60 илјади швајцарски франци обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка.
На неодамна реконструираната делница од Кочани до Мојанци, како и на влезот на селото Долни Подлог, ќе бидат поставени вкупно 61 челичен столб со светлосна арматура и подземен вод кабли, со што ќе се осветли пат во должина од 2.100 метри.
– Светилките ќе бидат со максимално оптоварување до 80 вати и со ефикасност од 60 до 66 отсто заштеда. Рокот за изведба на работите е 2 месеца. Очекуваме тоа што ќе го направиме да биде поздравено од граѓаните, затоа што и досега сме работеле со тој тип производи, кои се со висок квалитет по европски стандарди – вели Јоцо Јованов, од „Електрика“, избраниот изведувач на проектот.

Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, информира дека со Швајцарската агенција за развој и соработка досега Општина Кочани реализирала неколку проекти што се од витално значење за граѓаните од овој дел на Македонија, а особено за Општина Кочани. Тој смета дека без таа поддршка нивната реализација ќе била невозможна, особено за пречистителната станица за отпадни води.
– Со овој проект успеавме да поврземе уште два други, реконструкцијата на патот Кочани – Подлог – Мојанци и овој, за јавно осветлување на трите населени места Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци.

Тоа значи дека овие села ќе имаат осветлен пат што многу ќе значи за нивниот живот и ќе биде пример како треба да одговараме на инфраструктурните потреби во населените места, бидејќи само со една ваква стратегија можеме да ја оствариме нашата долгорочна цел, пристоен живот и во централното градско подрачје и во населените места – објаснува градоначалникот Николчо Илијев.
Работите на терен почнуваат со потпишувањето на договорот и воведувањето на изведувачот во работа.