Новинарските здруженија предлагаат повеќе решенија за излез од ваквите состојби, меѓу кои и законски измени преку кои нападите врз медиумските работници ќе се третираат како напад врз службено лице, а со тоа по автоматизам и по забрзана постапка во иднина обвинителите да започнуваат истраги за настаните
АЛАРМАНТНИ ПОДАТОЦИ ЗА ПОПРЕЧУВАЊЕ НА РАБОТАТА НА СЕДМАТА СИЛА
Нападите врз новинарите оваа година се повеќекратно зголемени во споредба со минатата година. Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) велат дека од почетокот на годинава досега се регистрирани 13 напади врз новинари, за разлика од минатата година, кога имало четири вакви немили случувања.
Кои се причините за ваквиот брутален и деструктивен однос кон седмата сила, ако се знае дека токму слободата на медиумите и односот кон новинарската професија се секогаш во врвот на приоритетите за наше членство во ЕУ?
Постојат ли можност за поголема институционална заштита за новинарите и некое системско решение за проблемот со нападите врз новинарите, кој загрижувачки се зголемува? Од друга страна, преставниците на седмата сила секогаш се во првите борбени редови, штитејќи ги интересите на граѓаните и на јавноста. Исполнувајќи ги своите професионални обврски и новинарскиот кодекс, тие ги ризикуваат и своето здравје и живот и во моменти кога државата се справува со пандемија од коронавирус. Дополнително, за обележување е дека новинарската професија и во минатото секогаш стоела на браникот на Македонија и кога земјата се справувала со други природни непогоди или кризи како онаа во 2001-та.
За сите овие прашања и проблеми побаравме мислење од новинарски здруженија и експерти што ја следат работата на медиумите. Соговорниците со кои се консултиравме велат дека со измени на Кривичниот законик, со кои напад врз новинари во иднина би се третирал како напад врз овластено службено лице, состојбите во врска со овој проблем на терен многу ќе се подобрат.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, вели дека новинарските здруженија во земјава тесно соработуваат меѓу себе и со Министерството за правда, во обид да се најде квалитетно законско решение со кое ќе се намалат или анулираат немилите случувања врз новинарите.
– Ние подолг период сме во константна комуникација со колегите од другите новинарски здруженија, пред сѐ од новинарските синдикати, и со Министерството за правда, во правец да се избориме за институционално законско решение со кое ќе се превенираат нападите врз колегите од фелата.
Според она што е во процес на оваа иницијатива, а во голема мера и има декларативна согласност од властите во државата, се обидуваме нападите и заплашувањата на новинарите да ги идентификуваме со нападите врз службените лица во земјава. Тоа ќе значи дека во иднина ако новинар биде нападнат, тој напад да се третира како напад врз службено лице, а со тоа по автоматизам и по забрзана постапка во иднина обвинителите да започнуваат истраги за настаните – вели Чадиковски.
Првиот човек на македонското здружение на новинари додава дека и со овој чин битката за подобрување на статусот на новинарите не е завршена, а по составувањето на новата влада, новинарските здруженија повторно ќе продолжат со своите дејства за подобрување на статусот на вработените и со подобрување на економската благосостојба на медиумските работници.
Дарко Дуридански од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) вели дека со оглед на тоа што новинарите и медиумските работници вршат дејност од јавен интерес, тие треба да имаат и повисоко ниво на заштита.
Дуридански подвлекува дека синдикалната организација се залага за донесување квалитетно законско решение за заштита на новинарите и измени во Кривичниот законик, што ќе биде и еден вид т.н. обесхрабрување на потенцијалните напаѓачи.
Во јавноста се огласи и Лирим Дулови од Здружението на печатените медиуми, кој ја поддржува оваа иницијатива на ЗНМ и ССНМ и додава дека решавањето на нормативниот дел нема да ги реши проблемите со нападите врз новинарите ако законските решенија што ќе се донесат не бидат доследно спроведувани.
Инаку, за актуелните настани се огласи и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој неодамна ги повика институциите веднаш да спроведат истраги и соодветни дејства и што поскоро да ги решаваат ваквите случаи.
– Не смееме да дозволиме да се загрозува слободата на информирање – напиша Пендаровски на Фејсбук.