Т-клетките се еден вид бели крвни зрнца, кои се клучната компонента на имунолошкиот систем и помагаат во борбата против болеста. Студиите покажале дека сите пациенти имаат долготрајни мемориски Т-клетки реактивни на вирусот. Тоа би требало да значи дека пациентите со ковид-19 исто така ќе развијат и долгорочен имунитет
Нова надеж за борба против коронавирусот
Кај некои вируси, на пример како сипаниците, заштитата со антителата создадени кај човекот е доживотна и е невозможно човек повторно да се зарази. Кај други вируси, пак, како што се краткотрајните настинки, заштитата на антителата е краткотрајна.
Каква е заштитата од ковид-19?
Експертите сè уште се збунети и не знаат колку би траел имунитетот против ковид-19, поради неговото кратко постоење. Некои од студиите покажуваат дека поединци може да развијат само краткорочен имунитет.
Други научни студии покажале дека луѓето што имале настинка во последните две години имаат Т-клетки што покажуваат „вкрстена реактивна заштита“ против ковид-19. Оваа студија вклучила 23 пациенти што имале САРС од колеџот „Дјук-НУС“ во Сингапур.
Тие собрале примероци на крв, при што ги тестирале за да видат дали сè уште имаат имуни клетки што биле ефикасни против САРС. Сите пациенти имале Т-клетки, што укажува на тоа дека тие се важен дел во борбата против оваа инфекција.
Т-клетките се еден вид бели крвни зрнца, кои се клучната компонента на имунолошкиот систем и помагаат во борбата против болеста.
Студиите покажале дека сите пациенти имаат долготрајни мемориски Т-клетки реактивни на вирусот. Тоа би требало да значи дека пациентите со ковид-19 исто така ќе развијат и долгорочен имунитет на Т-клетките, се вели во истражувањето. Ова би било значајно за сознанијата колку време луѓето би можеле да бидат заштитени со вакцината.
Т-клетките со „цврста реактивност“ против вирусите од ковид-групата
Во понатамошните истражувања, примероците од крвта биле измешани со фрагменти од САРС-КоВ-2. Клетките покажале „цврста“ реактивност против САРС-2 кај сите пациенти со врзување за нив. Експериментот бил извршен врз 37 лица, кои никогаш не биле заразени со САРС.
Истражувачите откриле нивоа на Т-клетки што може да се прикачат на ковид-19 кај 50 проценти од тестираните.
– Изненадувачки е што откривме и специфични Т-клетки од САРС-КоВ-2 кај лица без историја на САРС, ковид-19 или контакт со пациенти со САРС/ковид-19 – велат научниците.
Тие веруваат дека овие Т-клетки може да постојат поради претходна инфекција со друг коронавирус – од кои седум би можеле да бидат заразни за луѓето.
Можно е Т-клетките да се формираат од други животни коронавируси, за кои генерално се смета дека потекнуваат од лилјаци. Главниот истражувач д-р Антонио Бертолети за „Телеграф“ изјави дека овие Т-клетки можеби можат да бидат почести во Азија отколку во преостанатиот свет. Тоа донекаде објаснува зошто овој континент бил релативно недопрен во споредба со Европа и со Соединетите Американски Држави за време на пандемијата ковид-19.
Научниците рекле дека оваа „постојна“ заштита би требало да се разгледа на ниво на населението, бидејќи тоа може да доведе помал број луѓе да се разболат од ковид-19 отколку што се мислело.
Дали имунолошкиот одговор на организмот сѐ уште е под вел на мистерија?
Т-клетките се дел од адаптивниот имунитет, првата линија на одбрана против туѓа материја. Од друга страна, антителата, поттикнати од дејството на Б-клетките, почнуваат да помагаат неколку дена подоцна и може да не се потребни ако Т-клетките и другите делови на имунолошкиот систем го избришат вирусот. Поради таа причина, можеби некои луѓе немаат антитела против ковид-19 во крвта и покрај тоа што биле заразени со коронавирус, велат научниците.
Тимот од Сингапур соопшти дека од претходните истражување, антителата за САРС-1 биле откриени по две или три години. Затоа, тестирањето на антителата би сугерирало можно заразување иако биле заштитени со Т-клетки.
Што се однесува до САРС-2, професорот Карол Сикора, советник на Светската здравствена организација, за „Мејл онлајн“ изјави дека верува дека само 10 проценти од лицата заразени со коронавирус развиваат антитела. Институтот „Каролинска“ и универзитетската болница „Каролинска“ во Шведска неодамна потврдија дека многу луѓе со лесна или асимптоматска форма на ковид-19 покажуваат имунолошка отпорност на клетките и не тестираат позитивни антитела.
Имунитетот кај населението е поголем отколку што е прикажано во тестирање за антитела, додека некои делови на имунолошкиот одговор остануваат целосна мистерија за научниците, кои не се во состојба да ги мерат.