Владејачката династија Ким со децении го одржува нејзиниот режим со тврдењето дека само таа може да го заштити севернокорејскиот народ од надворешниот свет, без разлика дали тоа се капиталистите, САД или други непријателски сили, пренесува Си-ен-ен.

Но, според Пјонгјанг, сега пристигна нова закана – првиот соопштен можен случај на ковид-19 во границите на Северна Кореја. Лидерот Ким Јонг-ун свика итен состанок во саботата откако беше објавено дека Севернокореец кој пребегнал пред три години, се вратил во градот Каесонг со можност да е заразен со коронавирусот, според државната агенција КЦНА. Властите од Јужна Кореја потврдија дека пребегнатиот ја преминал границата со Северна Кореја, но не и дека бил пациент заразен со коронавирус.

КЦНА предупреди за опасната ситуација во Каесонг која може да доведе до „смртоносна и деструктивна катастрофа“. Малкумина експерти веруваат дека Северна Кореја, државата со речиси 25 милиони луѓе која се граничи со Кина, би можела да ги избегне ефектите на пандемијата која зарази повеќе од 16 милиони луѓе ширум светот.

Но, ако пребегнатиот Севернокореец е позитивен на коронавирус и предизвика избивање на заразата, ковид-19 би можел да се претвори во една од најголемите закани со кои се соочил Ким во текот на речиси деветгодишното владеење.

Вирусот се покажа како еден од најтешките предизвици за лидерите низ светот, но за Ким тој е невообичаено загрижувачки. Експертите велат дека Северна Кореја има разурнат здравствен систем, со што тешко ќе се справи со лечењето на голем број на пациенти заразени од новиот вирус. Тоа веројатно е една од причините поради кои Ким Јонг-ун е активен во обидите да го задржи вирусот надвор од Северна Кореја.

Северна Кореја затоа ги затвори границите во јануари по информациите за појавата на ковид-19, и покрај тоа што Пјонгјанг во голема мера зависи од Пекинг за да ја одржува економијата.

По информацијата за случајот во Каесонг, Ким реагирал бргу, според КЦНА. Тој веднаш наредил Каесонг да биде изолиран од остатокот од државата.

Севернокорејскиот лидер ја прифаќа заканата од вирусот, што веројатно се должи на гладта со која се соочи државата во 90-те години на минатиот век, која претставуваше една од најголемите закани за семејството Ким. Севернокорејските власти тврдеа дека 235 илјади луѓе ги загубиле животите поради недостигот на храна, додека експертите сметаат дека бројот на жртви можеби изнесувал 3,5 милиони луѓе.

Втора голема здравствена криза за една генерација би била голем удар за мандатот на семејството Ким, кое со децении смета дека има боженствено право за владењее.

Сепак, ако пребегнат Севернокореец го донел вирусот во Каесонг, режимот на Ким ќе може да го искористи случајот да пропагира дека власта го штитела народот од вирусот, но капиталистите од Јужна Кореја не успеале да го сторат тоа.