Министерството за труд и социјална политика информира дека на работничките кои се на продолжено породилно отсуство, платеното отсуство им трае сè додека траат времените мерки за заштита од коронавирусот.
– За да се обезбеди заштита и грижа за децата, Владата донесе Уредба со законска сила, со која отсуството од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, продолжува да тече и надоместокот на плата продолжува да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од ковид-19 – се наведува во соопштението.
Одлуката за времетраење и завршување на времените мерки ја носи Владата, по препорака на Комисијата за заразни болести.
Надоместокот за породилното отсуство се регулира преку Фондот за здравствено осигурување.