Вашингтон – Американскиот рапер Кање Вест плати 35.000 долари надоместок за да се кандидира како независен кандидат на претседателските избори во САД и ќе се појави на гласачкото ливче во сојузната држава Оклахома, пишува „Гардијан“. Тој е еден од тројцата независни кандидати, кои уплатија пари за учество на изборите што ќе се одржат во ноември. Според медиумите, раперот Вест би можел да ги освои гласовите од афроамериканската популација во САД наклонета кон кандидатот на демократите Џо Бајден.
Париз – Француските пратеници ѝ изгласаа доверба на новата влада откако новиот премиер Жан Кастекс ја претстави општата политика на неговиот кабинет, пренесе „Ројтерс“. Владата на Кастекс доби поддршка од 345 пратеници, од вкупно 577 пратеници колку што има националното собрание. Против гласаа 177, воздржани беа 43 пратеници, а другите не гласаа.
Москва – Руската полиција уапси повеќе од 100 луѓе по завчерашните демонстрации во Москва против уставните измени. Невладината организација ОВД-инфо, која е специјализирана за следење на апсењата, соопшти дека биле уапсени 103 лица. Репортери на француската новинска агенција „Франс прес“ виделе дека полицијата апсела демонстранти и новинари во центарот на Москва по протестите на плоштадот „Пушкин“. Протестот се одржа поради уставните измени, неодамна усвоени на повеќедневниот референдум со 78 отсто од гласовите.
Лондон – Вакцината, која се развива на универзитетот „Оксфорд“, е една од водечките кандидати во глобалната трка за заштита од коронавирусот, пренесува Си-ен-ен. Истражувачите од „Оксфорд“ веруваат дека направиле важен исчекор во развојот на вакцина против коронавирусот. Според извештаите, испитувањата врз луѓе покажале ветувачки резултати откако тимот открил дека вакцината може да обезбеди „двојна заштита“ од вирусот.