Повеќе официјални профили на социјалната мрежа Твитер на познати личности, меѓу кои и политичари, естрадни уметници, но и на некои од најголемите светски компании, завчеравечер беа хакирани. Меѓу хакираните профили беа и оние на Илон Маск, Бил Гејтс, Барак Обама, Џо Бајден, Мајк Блумберг, компаниите „Епл“, „Убер“ и други, јави „Ројтерс“. Како што пренесе новинската агенција, Твитер брзо отстранил многу пораки, но во некои случаи од истите профили повторно беа испратени слични твитови, што покажува колку бил немоќен Твитер да ја врати контролата. Истрагата на Твитер за нападот откри дека се компромитирани профилите на неколку вработени што имале пристап до внатрешните системи. Напаѓачите потоа го употребиле внатрешниот систем на Твитер за да твитаат од профили на познати личности, како што е американскиот кандидат за претседател Џо Бајден.

– Проверуваме кои други злонамерни активности се направени и до кои информации можеле да пристапат – соопшти портпаролот на Твитер.
Тој додаде дека се преземаат значајни чекори да се ограничи пристапот до внатрешните системи и алатките, додека истрагата продолжува. И шефот на Твитер, Џек Дорси, рече дека ова бил еден од најтешките денови на Твитер и наведе дека експертите постојано работат на корекција на грешката што го овозможила ова.