Две третини од Американците го поддржуваат предлогот дека граѓаните на САД треба да имаат опција за судење на полицијата, пренесува Би-би-си.
Иако гледиштето на населението во врска со полицијата генерално не е променето, голем процент од нив сметаат дека полицијата употребува непотребно насилство.
И покрај неодамнешниот обид за намалување на трошоците за спроведување на законот, 73 отсто од населението смета дека сумата за финансирање на полицијата треба да остане иста, а некои велат дека треба дури и да се зголеми.
Смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис поттикна дебата за полициските реформи.
Анализите, сепак, покажуваат дека поддршката за полицијата во текот на изминатите четири години постепено опаѓа. Мнозинство, односно 58 отсто од населението на САД сè уште верува дека полицијата прави добра или одлична работа за заштита на луѓето од криминал, што е за само 4 отсто помалку во споредба со 2016 година.
Меѓутоа, во другите категории е забележителен пад: користење на потребната количина на сила, еднаквото третирање на расните и етничките групи, како и одговорноста на полициските службеници.
Во секоја од овие области, поддршката е опадната за најмалку 10 отсто, а само една третина од американската јавност на полициските службеници им дава позитивен рејтинг.
Разлика во поддршка за полицијата е воочлива и по расна основа.
На пример, две третини од полнолетните белци велат дека полицијата врши добра или одлична работа во заштитата на јавноста, додека половина од возрасните од латиноамериканско, односно 28 отсто од оние со афроамериканско потекло, се согласуваат со мислењето на белците.
Дури 89 отсто од републиканците сметаат дека полицијата ги третира различните расни групи подеднакво, додека само 10 отсто од демократите го мислат истото.
Од испитаниците, 92 отсто мислат дека полицијата треба да биде обучена за ненасилни алтернативи на пресметка наместо употреба на смртоносна сила. Истражувањето покажа дека 66 отсто од испитаниците рекле дека цивилите треба да бидат во можност да ја тужат полицијата за лошо работење или употреба на прекумерна сила. Полициските службеници се заштитени од тужби под таканаречениот „квалификуван имунитет“.
Полициските синдикати тврдат дека полициските службеници нема да можат ефикасно да ги извршуваат своите должности доколку постојано имаат закана од тужба за време на секоја јавна интеракција. Но, критичарите велат дека квалификуваниот имунитет овозможува пропусти и употреба на прекумерна сила за време на полициската служба.
Минатиот месец, демократите на Претставничкиот дом на САД му понудија пакет со предлог за полициска реформа, со кој се бараше да се стави крај на квалификуваниот имунитет. Републиканците ги отфрлија овој и другите предлози во пакетот, оставајќи го случајот во статус кво.