Град Скопје ги одбра трите најсоодветни решенија од конкурсот за поставување летни отворени сцени на три локации во зелениот појас на Градскиот парк.
Како што информираат градските власти, по разгледување на пристигнатите трудови, Комисијата за оценување за најсоодветни решенија ги избрала трудовите со работна шифра „ОМММ“, „Коноид“ и „Конус“.
Од нив, решението за летна отворена сцена со работна шифра „ОМММ“ ќе биде поставено во близина на eзерцето, во првиот дел на паркот, летната сцена со работна шифра „Коноид“ ќе биде поставена на локација во билзина на Сточарскиот институт, додека, пак, локацијата на третото одбрано решение со назив „Конус“ ќе биде во непосредна близина на езерцето, спроти кајак-кану клубот „Илинден 90“.
Генералната оценка на Комисијата е дека конкурсните барања се во голема мера запазени, односно дека е запазена и испочитувана проектната програма, предложен е уникатен дизајн и предложени се материјали со долговечност за изработка.
– Исто така, предложените идејни решенија се одликуваат со високи естетски вредности, придонесуваат врз подобрување на културните навики на жителите на Скопје и одлично се вклопуваат со непосредното опкружување – се наведува во соопштението за изборот.
Град Скопје најдобрите трудови ќе ги награди со по 70.000 денари за секоја од трите локации и ќе склучи договори со избраните автори.