По завчерашното затворање на границата за влез на српски државјани, Грција донесе одлука и за вонредна забрана на летови од Белград до 15 јули.
Исклучок од забраната се членови на семејствата на државјани на ЕУ, граѓани од шенген-зоната, патувања од есенцијални причини, здравствен персонал, научен персонал, државјани на трети земји што имаат дозвола за долг престој во европска земја, студенти, транзит-летови, владин, дипломатски, воен, хуманитарен персонал и сл.
Во однос на Образецот за лоцирање патници (ПЛФ) задолжителен за сите посетители на Грција, од Агенцијата за цивилно воздухопловство соопштуваат дека од 9 јули патниците од меѓународните летови, ќе треба да го пополнат 24 часа пред чекирањето, а не 48 часа како што беше досега.
Ваквите одлуки на Грција следуваат поради влошувањето на епидемиолошката состојба во Србија и поради тоа што голем број од српските туристи на тестирањата по случаен избор при влез во Грција биле позитивни.