Разиграна патека нанижана со стихови

ТАЛЕНТИ: Матеа Стоев, шампионка на литературната манифестација „Средби под јаворите“

За Матеа Стоев (15), која тукушто го заврши своето основно образование во ООУ,,Григор Прличев“ во Охрид, литературата е бескраен свет, кој го освојува секојдневно, чекор по чекор, притоа во себе откривајќи голема љубов, но и дарба за пишаниот збор.
Нејзиниот талент е забележан од наставниците во основното училиште, од кое деновиве се збогуваше и каде што во аманет ја остави својата прва стихозбирка „Мојата шарена стихувалка“, но и пошироко. На минатогодишната, 19-та по ред, литературна манифестација „Средби под јаворите“, посветена на делото на еминентниот македонски писател за најмладите Видое Подгорец, Матеа го освои првото место, а годинава беше прогласена за шампион меѓу два фестивала и освои гран при, а менторка ѝ беше професорката Славица Димитровска.

Како што вели самата, без разлика која животна професија ќе ја избере, во пишаниот збор секогаш ќе го наоѓа својот духовен мир, кој истовремено е и креативен немир.
Инаку, нејзиното литературно првенче „Мојата шарена стихувалка“ во матичното училиште беше промовирано за време на чествувањето на Деновите на Прличев.
– „Мојата шарена стихувалка“ е моето првенче, во кое внимателно ги распослав стиховите од моето детство. Се радувам на секој од нив, бидејќи тие се плод на фантазија родена во миг на занес, искрена, едноставна, онаква каква што само детскиот ум може да создаде – вели Матеа.

Средбата со писателот Киро Донев, кој беше и еден од членовите на жирито на манифестацијата „Средби под јаворите“, која традиционално се одржува во родното село на Подгорец, Колешино, а годинава поради познатите причини имаше само виртуелно издание, за Матеа била поттик да го развива својот талент и да продолжи да остава трага од пишан збор. Така се родила и идејата за реализација на првиот самостоен литературен проект. Но таа не застанува, бидејќи веќе работи на подготовките на својата нова книга, која се надеваме наскоро ќе ја промовира. 


ГОРСКОТО КЛАДЕНЧЕ РАСКАЖУВА

Низ Колешинско и денес се раскажуваат
песни, приказни се прекажуваат
напишани од перото на момче едно
скромно, сиромашко и многу вредно.

Под дебели сенки јаворови
младиот Подгорец творел
а крај него среде мир и тишина
горскиот кладенец жуборел.

Дур раскази, песни се ределе
кладенецот внимателно слушал,
ги собирал тој тие творештва
ко скапоценост во својата душа.

Сопатници низ детството двајцата биле,
корените на судбината нив ги споиле.
Необични доживувања
заедно минувале,
низ чудесно патување
во животот патувале.

И денес штом човек крај тоа
кладенче мине
не ќе може само тукутака да го одмине.
Песни и приказни кај раскажува,
се слуша
делата на Подгорец извираат
од неговата душа.

(Песна на Матеа Стоев напишана за годинашната манифестација „Средби под јаворите“)