Под мотото „Здрави заедно“ претставниците на трите организации, заедно со олимписките спортисти, во следниот период на социјалните мрежи ќе пласираат важни информации за јавното здравје
Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Светската здравствена организација (СЗО) и Обединетите нации (ОН) на одбележувањето на Олимпискиот ден (23 јуни), договорија партнерство за борба против коронавирусот, објави ИОК на својата интернет-страница. Под мотото „Здрави заедно“ претставниците на трите организации, заедно со олимписките спортисти, во следниот период на социјалните мрежи ќе пласираат важни информации за јавното здравје, инспирирајќи ги луѓето да прифатат или да продолжат да применуваат препораки со кои ќе се спречи ширењето на вирусот и ќе се промовираат физичкото и менталното здравје.
Изминатите шест месеци, пандемијата влијаеше на секој дел од светот и на секој аспект на живеењето. Со себе донесе неизвесност, загриженост и предизвици, кои, за да се надминат, бараат истрајност и упорност. Светот има потреба глобалните институции да работат заедно и лидерите да доставуваат веродостојни информации, а спортистите можат да бидат доверливите гласници за овие информации, пишува на интернет-страницата на ИОК.
– Спортот може да спаси животи. Последниве неколку месеци видовме колку се важни спортот и физичката активност за здравјето и за благосостојбата. Работејќи заедно со СЗО и со ОН можеме да направиме уште еден чекор напред заедно. Олимписките спортисти ќе ги споделуваат информациите и најдобрите практики, кои му се потребни на светот во овие моменти – вели претседателот на ИОК, Томас Бах.
Со Бах се согласува е и генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом, кој верува дека спортистите многу ќе помогнат во борбата против коронавирусот.
– Задоволни сме што се здружиме со ИОК во борбата против коронавирусот за ширење важни здравствени пораки што ќе спасат животи. Олимпијците многу ќе ни помогнат во заложбите за поздраво население, за да осигуриме луѓето да бидат толку отпорни колку што мора да бидат нашите здравствени системи во борбата против коронавирусот – рече Аданом.
На ова се надоврза и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
– Во време на невидени предизвици и промени, од пандемијата на коронавирусот, до тековната борба за расната и социјалната правда и климатската криза, никогаш немало поголема потреба од глобална солидарност и надеж. Олимпиското движење и неговите спортисти отсекогаш го покажувале најдоброто во хуманоста, а ООН се задоволни што соработуваат со ИОК и со СЗО, притоа повикувајќи ги луѓето насекаде да се обединат и да бидат „Здрави заедно“ – рече Гутереш, а пренесе интернет-станицата на ИОК.