Убиецот од Мериленд бил во долгогодишен спор со уредништвото
Мажот, кој вчера смртно застрела најмалку пет лица во новинската редакција на „Капитол Газет“ во Анаполис, Мериленд, бил во долгогодишен спор со уредништвото, соопштија денеска локалните власти.
Полицијата и очевидци соопштија дека напаѓачот пукал низ стакло во потрага по жртвите.
Полицискиот началник Вилијам Крампф на прес-конференција соопшти дека меѓу жртвите е и 59-годишниот помошник-уредник Роб Хајсен и дополни дека во нападот се убиени уште четири лица.
– Тоа беше планиран напад на Капитол Газет. Таа личност била подготвена да убива луѓе. Неговата намера била да ги убие – истакна Крампф.
Осомничениот за нападот е Џерод Рамос (38) од Лорел, и тој се наоѓа во притвор. Тој во 2012 година поднел тужба за клевета против Ерик Хартли, поранешен колумнист и Тамас Меркуадо, тогашен уредник и издавач на весникот. Судот во Мериленд во 2015 година донесе пресуда во корист на весникот и обвинетиот новинар.
Според правните документи, во написот се тврдело дека Рамос вознемирувал некоја жена на Фејсбук и дека ја признал вината за кривично дело вознемирување. Судот се согласил дека написот бил точен и базиран на јавно достапни податоци.
Рамос на Твитер соопшти дека тужи луѓе од округот Ен Арандел бидејќи „преку трупови градат корумпирани кариери“.