Многу од играчките се опасни за помалите деца. Освен механичките опасности, тие кријат материи и бои што предизвикуваат болести или алергии. Во 2018 година, во Америка, седумнаесет дечиња починале при инциденти предизвикани од играње со несоодветни играчки
Внимавате ли какви играчки им купувате на вашите деца или внуци? Дали ги следите ознаките на нив или купувате играчки какви што сакаат тие? Детските играчки воопшто не се наивна работа. Шаренилото од бои што го нудат, лесно ги примамуваат сите да ги купат, па дури и возрасните. Сепак, треба многу да се внимава, бидејќи и играчките претставуваат опасност за децата.
Извештајот за 2018 година, направен од страна на Комисијата за безбедност на производи на Соединетите Американски Држави, вели дека во 2018 година, дури седумнаесет деца починале од причини предизвикани од играта со несоодветни играчки. Во споредба со изминатите години, во 2018 година бројот на инциденти со играчки што предизвикале смрт пораснал, па, така, во 2016 година починале 12 дечиња, а годината потоа 14.
Во 2018 година биле пријавени 226 илјади повреди предизвикани од играњето со играчки. Од сите тие повреди, 37 проценти од повредените биле дечиња помали од пет години. Најчеста причина за повредите се скутерите за деца, сетовите за градење и возните средства. Сетовите за градење и возилата биле причина за 13 проценти од повредените деца под пет години. Немоторизираните скутери биле причина за повредите на 19 проценти од децата помлади од 15 години.
Од вкупниот број повреди поврзани со играчки, кој изнесува 226.100, 56 проценти, или 126.600 им се случиле на момчиња. Најголемиот дел од жртвите добиле соодветна медицинска помош и биле пуштени на домашно лекување.
Извештајот на комисијата е шокантен. Од немоторизираните скутери или тротинети, починале две дечиња, на возраст од две до единаесет години. Тие биле турнати и прегазени од возила на улица додека ги возеле тротинетите. Двегодишното момче било оставено да вози на паркинг пред хотел. Жената што го прегазила момчето не го видела додека си играло. Седумгодишно момче, пак, било прегазено на улица од роднина, а починало како последица на повреди на главата.
Малите интересни топчиња, кај нас познати како „ѓаволски топчиња“ се исто така една од водечките причини за сериозни повреди, па и смрт кај децата. Тригодишно девојче починало откако проголтало такво топче. Шестгодишно девојче исто така проголтало топче со дијаметар од два до три сантиметри.
Полнетите мечиња иако изгледаат слатко, сепак се огромна опасност за најмладите. Од тие причини никако не треба да бидат застапени во бебешките креветчиња, бидејќи можат да бидат смртоносни. Според извештајот, петмесечно бебе се задушило откако една кадифена мечка паднала врз бебето и го задушила. Тринаесетмесечно бебе се задушило како последица на голтање балон, додека десет месечно, пак, проголтало играчка јајце.
Во Соединетите Американски Држави, во 2017 година, дури 28 вида играчки биле повлечени од продажба како резултат на опасноста што ја предизвикуваат за животот и безбедноста на децата. Причина за повлекувањето била механичката неисправност на играчките, некои од нив дури и се запалиле, па предизвикале повреди кај децата.
– Секогаш пред купување треба да се читаат етикетите што се наоѓаат на играчките, да се следат инструкциите за истите тие и да не се даваат играчки на деца што ја немаат соодветната возраст да играат со истите тие. Особено треба да се внимава и при купувањето накит за девојчиња, кој лесно се кине, крши и има голем број мали делови во него. Исто така, треба да се избегнуваат евтини играчки, со сомнително потекло бидејќи најчесто се направени од материјали штетни за децата – се препораките за родителите.
Минатата година, Европа беше размрдана од информациите за огромната штетност и опасност од „шлајмот“, кој беше голема атракција за децата. За потсетување, „шлајмот“ е лигава леплива играчка, која на нашиот пазар се продаваше по цена од 20 до 50 денари, во разни бои и со разни додатоци во него, како светки или пластични бубачки. Хемикалиите што ги има во високи количества, се отровни и штетни за здравјето на децата.
И на македонскиот пазар „шлајмот“ се нудеше речиси насекаде, по цена од педесет денари, па речиси и да немаше дете што немаше оваа популарна играчка во своите раце. Истражувањата покажаа дека содржи енормно високи количества бор, односно дури четири пати поголема концентрација на оваа хемикалија од дозволеното според европскиот стандард. Борот е опасна хемикалија, која може да предизвика иритации на нежната детска кожа, дијареа, главоболка, повраќање, депресија, а може да предизвика штета и на бебе во утробата на мајката.