Фото: Игор Бансколиев

Предизборните активности сами по себе значат и зголемени движења и контакти внатре во партиите, преку состаноци, средби, координации што, пак, исто така е потенцијален зголемен ризик за пренос на болеста. Паралелно со ова, кампањата се случува во период кога во Македонија има зголемен број новозаразени, и тоа во повеќе региони во државата. Изборната кампања лесно може да стане преносител на заразата и во оние средини, каде што во моментов го нема вирусот, ако партиските функционери не водат посебна грижа за заштита. Како и на кој начин сето тоа да се избегне и да се минимизираат опасностите од ширење на вирусот

ИНИЦИЈАТИВА ЗА ИЗБОРИ БЕЗ КОВИД-19

Политичари, носители на листи, кандидати за пратеници, лидери на партии, од утре, па во следните 20 дена ќе бидат постојано активни во предизборната кампања, а на еден или друг начин ќе бидат и во контакти со граѓани или симпатизери на партиите. Иако на овие избори нема да има класични масовни митинзи, сепак според протоколите на здравствените власти се предвидени мали собири со присуство до 50 луѓе.
Целата оваа фреквенција и предизборна активност го зголемува ризикот од контакти, а со тоа и потенцијалната опасност од можноста да се шири и вирусот, пред сѐ од асимптоматските случаи.
Предизборните активности сами по себе значат и зголемени движења и контакти внатре во партиите, преку состаноци, средби, координации што, пак, исто така е потенцијален зголемен ризик за пренос на болеста.
Паралелно со ова, кампањата се случува во период кога во Македонија има зголемен број новозаразени и тоа во повеќе региони во државата.

Изборната кампања лесно може да стане преносител на заразата и во оние средини, каде што во моментов го нема вирусот, ако партиските функционери не водат посебна грижа за заштита. Се случува во еден или два дена, тие да поминуваат и по неколку града на средби со граѓани, што е сериозен ризик за пренос на заразата.
Има ли безбеден начин на водење кампања? Кои се неопходните мерки што секоја партија треба да ги преземе за заштита? Дали и колку политичарите можат да станат преносители на вирусот? Дали е потребно политичарите да бидат тестирани пред почетокот на кампањата?
Сите овие дилеми се наметнуваат во јавноста особено пред почетокот на кампањата, затоа што граѓаните со право стравуваат дали некој може да има целосна контрола и да внимава и на најмала ситница во услови на изборна трка, кога секој глас им е важен.

Во Скопје засега има тројца градоначалници што се позитивни на вирусот и тие се во изолација. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, и градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски, најверојатно нема да можат директно да учествуваат во кампањата за поддршка на своите партии.
Една од идеите, која се наметнува како добра во процесот на заштитата, е тестирање на кандидатите за пратеници, носителите на листите и политичарите, за да се откријат што е можно повеќе асимптоматски случаи, кои би можеле да го шират вирусот.
Сите политички партии велат дека за нив главен приоритет е безбедноста на граѓаните, тогаш не би имало ни причина зошто не би прифатиле скрининг пред изборите.
Епидемиологот Драган Даниловски препорачува дека со оглед на тоа што веќе не може да се претпостави од каде сѐ вирусот може да „нападне“, добра е идејата учесниците во изборите да се тестираат.

– Со тоа ќе се исклучат себеси како можни извори на зараза во текот на кампањата, независно од сите преземени мерки за заштита. Контролата на почитувањето на мерката „изолација“ ја врши Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) – вели Даниловски.
Антонио Милошоски, кандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека секој од учесниците во кампањата, дали се работи за политичар, или за лицата што ќе помагаат во кампањата, па дури и симпатизерите ќе треба да ги почитуваат веќе пропишаните мерки за заштита од коронавирусот.
– Секој од нас мора да биде дисциплиниран, зашто некому му е битно да ја истурка кампањата онака како што треба и да биде присутен и во добро здравје. На тој начин сите ќе помогнеме во справувањето со овој втор бран од ширењето на вирусот – посочува Милошоски.
Според него, добра идеја е да се тестираат носителите на листите, како и кандидатите за пратеници, па дури и политичарите пред кампањата, со што би се заштитиле дополнително, земајќи го предвид и големиот број асимптоматски случаи.
– Не сме разговарале за ова на некој од состаноците. Но идејата е добра. Секој индивидуално треба да биде свесен за сите последици и да ги преземе сите потребни мерки – додава Милошоски.

Зоран Заев, лидерот на СДСМ, вчера обвини за неодговорно однесување на опозициската партија, односно за предвремено почнување на изборната кампања, а лидерот Христијан Мицкоски го обвини за непочитување на мерките за заштита од коронавирусот.
Мухамед Зекири, потпретседателот на СДСМ, и покрај тоа што изминатиот период и самиот беше позитивен на ковид-19, а сега веќе е дома и е негативен на вирусот, вели дека најголем дел од кандидатите за пратеници од првата изборна единица се тестирани.
– Оние што ни беа контакти во партијата на мене и на преостанатите заразени колеги, се тестираа. Најголем дел од нив и самоиницијативно се тестираа. Но тоа не значи дека нема да можат да се заразат веќе следниот ден откако ќе го направат тестот. Засега на некој од состаноците не сме разговарале за некое повторно организирано тестирање пред почетокот на кампањата – објасни Зекири.

[email protected]