Кога некоја земја или меѓународна организација испраќа за свој амбасадор лице што е апсолутно непознато во дипломатијата, со тоа јасно става до знаење како се третира неговата дестинација, го објаснуваат упатените номинирањето на Дејвид Гер, дипломат со скромна професионална биографија, за нов евроамбасадор во Македонија
Што ќе значи за Македонија именувањето на Дејвид Гер наместо Самуел Жбогар за нов евроамбасадор во земјата и како смената на европските дипломати ќе се одрази на преговарачкиот процес за македонско членство во ЕУ, кој се очекува да започне во септември? Ова прашање е актуелно во домашната јавност откога високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жосеп Борел го номинира Дејвид Гер за нов шеф на делегацијата на Европската Унија во Македонија, кој треба да дојде на местото на досегашниот евроамбасадор Самуел Жбогар. Досегашниот дипломат ја извршува функцијата евроамбасадор во земјава од 1 септември 2016 година, а дојде на местото на тогашниот шеф на делегацијата Аиво Орав.
Во меѓувреме, новиот европски дипломат, кој ќе пристигне во државата во моментот е на чело на Секторот за политика за санкции во ЕЕАС. Тој има скромна професионална биографија, која се поврзува со работа во административните тела на Унијата.
Според податоците достапни на интернет, Гер е автор на неколку стручни публикации и бил говорник на неколку форми и бизнис-дискусии меѓу преставниците на Европската Унија и Иран.
Во контекст на актуелните случувања, за забележување се информациите дека Борел меѓу преостанатите назначувања за евроамбасадори во регионот ги номинира и Томаш Сунјог за шеф на делегацијата на ЕУ во Косово, Оана Кристина Попа за евроамбасадорка во Црна Гора, како и Николаус Мејер Ландрут за шеф на делегација на ЕУ во Турција.
Поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски во својот осврт на актуелните настани вели дека кога некоја земја или меѓународна организација, испраќа за свој амбасадор лице што е апсолутно непознато во дипломатијата со тоа јасно става до знаење како се третира неговата дестинација.
– Во конкретниот случај кога Брисел испраќа човек, кој е тотален анонумус за шеф на нивната мисија во Скопје, со тоа директно го дефинира и интересот за нашите преговори за членство со Унијата. Со други зборови, тоа значи дека тие немаат никаков приоритет за Унијата. Тоа во меѓувреме нам не треба да нѐ изненадува, бидејќи проширувањето е на маргините на бриселските приоритети и некакви изгледи за брзо зачленување на Македонија, покрај неа и на Албанија, Црна Гора и Србија, кои веќе долго преговараат, се надвор од умот – поентира Никовски.