Амбасадата на Босна и Херцеговина во Македонија подари покуќнина на две социјални семејства од селото Кучевиште. Донацијата ја предаде амбасадорот Драган Јаќимовиќ, кој денес ги посети семејствата Нешковиќ и Перовиќ. На семејствата им подари кујни, кревети, ламинат и плакари.
– Нашата цел е да ги зближиме нашите народи. За оваа донација се решивме откако слушнавме во какви услови живеат двете семејства, а клучно беше тоа што и едното и другото семејство се многудетни. Мора да се помага без оглед на вера и националност – изјави за „А1он“ амбасадорот Јаќимовиќ.
Семејството Нешковиќ има три деца, а семејството Перовиќ четири. Двете семејства се во социјален ризик. Дека им треба помош, амбасадорот дознал од градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, а за целата акција поддршка добиле и од техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Кучевиште е скопско село во кое најголем дел од жителите се декларираат Срби.