Најевтиниот електричен автомобил во светот доаѓа од Кина, чини помеѓу 930 и 1.200 долари, нешто повеќе од 1.000 евра, а може да се нарача преку кинескиот трговски портал „Алибаба“. Овој автомобил преку интернет го нарачал новинарот Џејсон Торчински од американскиот портал „Јалопник“ и го испробал. Според него, кинескиот електричен автомобил „чангли“ е целосно функционален и нуди повеќе отколку што се очекувало.
Автомобилот личи на сите други, само што е значително помал, долг е 2,5 метри и неговото меѓуоскино растојание е 1,48 метар, иако има простор за тројца патници. Тежи 323 килограми, има носивост од 300 килограми и е придвижуван од мотор од 1,1 коњска сила.
Според производителот, неговиот радиус на движење е од 40 до 100 километри, додека времето на полнење е од седум до десет часа. Максималната брзина е 30 километри на час, но американскиот новинар што го купил забележал дека има проблеми по ридовите, каде што се движи со брзина на пешак.
Како и да е, тој исто така изјавил дека „чангли“ е пристојно возило за пократки возења, како што е градско возење или возење до продавница, и дека повеќе личи на вистински автомобил отколку на електричен скутер или голф-возило.
Автомобилот има основна опрема како и вистинскиот автомобил, сопирачки, бришач, греење во кабината, па дури и мултимедијален екран. Каросеријата е изработено од метал, додека внатрешноста е од евтина пластика.