Набргу по јавното обраќање на претседателот Стево Пендаровски, на кое објави дека нема да прогласи ново продолжување на вонредната состојба, на социјалните мрежи со свои реакции се огласија политичари и функционери главно од опозицискиот блок.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој во техничката влада доаѓа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во подолг статус на Фејсбук кажува дека кај него се јавува сомнеж дека „одлуката е донесена повеќе врз основа на политичко влијание, а многу помалку врз основа на стручното мислење и реалните аргументи со кои располагаат институциите“.
– Во дел од изјавата индиректно ме обвинува за непостапување на Министерството за внатрешни работи и овие обвинувања се паушални и неосновани и истите тие се темелат единствено на изјави на одредени политичари од власта, а не на постапувањето на полициските службеници и бројот на констатирани прекршоци од страна на МВР, за што говори и бројот на поднесоци до надлежните институции – реагира министерот Чулев.
Една од најбрзите реакции на социјалните мрежи по објавувањето на одлуката за укинување на вонредната состојба беше на Антонијо Милошоски, висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
– На 30 мај Пендаровски тврдеше дека поради зголемениот број на заразени и починати сограѓани прогласува вонредна состојба, а за само 13 дена подоцна Пендаровски „тврди“ дека тој никогаш не прогласил вонредна состојба поради бројот на заразени и починати и таквите споредби биле неосновани. Зошто Пендаровски денеска одбра да се самодемантира најдобро знае неговиот другар, „носителот на вирусот Заевизам“ – реагираше Милошоски.
Лидерот на Левица и професор на Правниот факултет при УГД Штип, Димитар Апасиев, во својот статус на социјалните мрежи констатира дека претседателот Пендаровски со своето образложение зошто нема да прогласи по четврти пат вонредна состојба всушност признал дека во тој период со владините мерки е вршен предизборен поткуп.